Сите се божествени откровенија?
ДАЛИ би можел Божјиот дух, кој го инспирирал Светото писмо, да е одговорен и за други книги што некои ги сметаат за свети? (2. Тимотеј 3:16). Ова прашање било покренато од страна на едно италијанско језуитско списание (La Civiltà Cattolica), што се издава „под надзор на [ватиканскиот] државен секретаријат“ и поради тоа се смета за авторитативно во католичките кругови.
„Преку дејствувањето на Светиот Дух, Бог го расеал семето на Речта дури и во некои свети книги од нееврејска и нехристијанска традиција“ — навело језуитското списание. За Језуитите, „светите“ книги, како што се зороастријанската Авеста или, пак, конфучијанските Четири книги, биле напишани „не без некое извесно влијание на Светиот Дух и затоа, во некоја мера, содржат ‚божествено откровение‘ “.
Меѓутоа, статијата дава едно појаснување. „Не сето она што го содржат таквите свети книги е реч Божја“ — наведува таа, додавајќи дека оние кои ги напишале овие книги, можеби „претрпеле влијание од некоја политеистичка околина или од филозофската средина“ во која живееле и дејствувале. Според Марко Полити, дописник за ватикански работи за италијанскиот весник La Repubblica, овој став „ги отвора претходно незамисливите можности во односите меѓу Католичката црква и големите историски религии“, навраќајќи се на духот на разните интерконфесионални состаноци за молитви, како оној во Асиси во 1986 година, енергично популаризиран од страна на папата Јован Павле II.
Јехова не е Бог на неред и збрка (1. Коринтјаните 14:33). Затоа, не можеме со право да заклучиме дека неговиот свет дух, односно делотворна сила, би инспирирала дури и некаков дел од какви и да било книги што не се во полна согласност со неговата Реч, Библијата. Наместо да охрабрува на екуменски пристапи помеѓу различни „религиозни традиции“, христијанскиот апостол Павле напишал дека постои ‚една надеж . . . еден Господ, една вера, едно крштавање‘ (Ефесјаните 4:4, 5).
Таа „една надеж“ се врти околу верувањето во Исуса Христа. Библијата соодветно наведува: „Под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:12). Ниедна друга „света книга“ не го прикажува Исус како централна личност во извршувањето на Божјите намери. Само ако ја прифатиме Библијата како Божја Реч, таа ќе може да нѐ поучи за подготовката полна со љубов што ја направил Јехова Бог, а која се однесува на спасението (Јован 17:3; 1. Солунјаните 2:13).