Се сеќаваш ли?
Дали уживаше во читањето на неодамнешните изданија на Стражарска кула? Ако да, ќе ти биде интересно да се сетиш на следново:
◻ Кое е значењето на грчкиот збор паруси́ја што е употребен во Матеј 24:3, 27, 37, 39 (НС)?
Вајновиот Expository Dictionary of New Testament Words вели: „ПАРУСИЈА . . . означува и пристигнување и присутност како последица од тоа“. Затоа, тоа не е само моментот на пристигнување туку и присутност што се протега од пристигнувањето па натаму (15.8., страница 11).
◻ На кој начин во првиот век биле ‚скратени тие дни‘ за да може да се спаси ‚телото‘ (НС), и како ќе се случи тоа во еден поголем обем? (Матеј 24:22).
Во 66 година н. е., Римјаните неочекувано ја скратиле својата опсада на Ерусалим, дозволувајќи да побегне христијанското „тело“. На сличен начин, ние очекуваме идниот напад врз Големиот Вавилон на некој начин да биде скратен. На тој начин, помазаните христијани и нивните придружници ќе бидат спасени од можно уништување (15.8., страници 18—20).
◻ Каква треба да биде нашата реакција ако некое лице почнува да зема од симболите на Споменот или, пак, престанува да го прави тоа?
Нема потреба другите христијани да бидат загрижени. Исус рекол: „Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите“. Исто толку сигурно Јехова ги знае оние кои тој навистина ги избрал како духовни синови (Јован 10:14; Римјаните 8:16, 17; 15.8., страница 31).
◻ Која била главната цел на Мојсеевиот Закон?
Првенствено, ги поучувал Израелците за нивната потреба од Месијата, кој би ги откупил од нивната грешна состојба (Галатјаните 3:24). Законот исто така поучувал за побожен страв и послушност, и му помогнал на Израел да се држи одвоен од расипаните постапки на околните нации (3. Мојсеева 18:24, 25; 1.9., страница 9).
◻ Која е целта на новиот сојуз? (Јеремија 31:31—34).
Да создаде една нација од цареви и свештеници за да го благословат целото човештво (2. Мојсеева 19:6; 1. Петрово 2:9; Откровение 5:10, НС; 1.9., страници 14, 15).
◻ Зошто треба да ја вежбаме уметноста на извинување?
Извинувањето може да помогне да се олесни болката што е предизвикана поради несовршеност и може да ги излечи напнатите односи. Секое извинување што го правиме е една поука за понизност и нѐ школува да станеме поосетливи за чувствата на другите (15.9., страница 24).
◻ Дали глобалниот потоп од времето на Ное бил историски факт?
Да. Древни извештаи кои зборуваат за глобален потоп можат да се најдат по целиот свет, од Америките па до Австралија. Раширената присутност на оваа тема дава поддршка за фактот дека навистина се случил еден светски потоп, како што се известува во Библијата (1. Мојсеева 7:11—20; 15.9., страница 25).
◻ Што е вклучено во тоа да се биде гостољубив? (Римјаните 12:13, НС).
Гостољубието е преведено од еден грчки збор кој е составен од два коренски збора што значат „љубов“ и „странец“. Според тоа, гостољубието во суштина значи „љубов спрема странците“. Но, тоа вклучува повеќе отколку љубов што се темели на начело, покажано поради чувство на должност. Тоа се темели на искрена наклоност, приврзаност и пријателство (1.10., страница 9).
◻ Каков е Павловиот аргумент во врска со бракот и самештвото во неговото прво писмо до коринтјаните, поглавје 7?
Бракот е оправдан и, под извесни околности, препорачлив за некои лица. Сепак, самештвото неоспорно е корисно за христијанскиот маж или жена која сака да му служи на Јехова со најмалку пречки (15.10., страница 13).
◻ На кој начин еден старешина „се грижи за своите“? (1. Тимотеј 5:8).
Старешината треба да се грижи за своите — за својата сопруга како и за своите деца — материјално, духовно и емоционално (15.10., страница 22).
◻ На кој начин Јехова им дава утеха на своите слуги?
Божјиот свет дух дејствува како „Утешител“ (Јован 14:16). Друг начин на којшто Бог дава утеха е преку Библијата (Римјаните 15:4). Бог ги знае нашите индивидуални потреби и може да нѐ употреби за да бидеме од утеха едни на други, исто како што Павле добил утеха од извештајот на Тит во врска со коринтјаните (2. Коринтјаните 7:11—13; 1.11., страници 10, 12).
◻ Што се подразбира од Павловиот опис на Јехова како „татко на нежни милосрдија“, што се наоѓа во 2. Коринтјаните 1:3 (НС)?
Грчката именка преведена со „нежни милосрдија“ потекнува од еден збор што се користи за да се изрази жалост поради страдањето на некој друг. На тој начин, Павле ги опишува Божјите нежни чувства спрема секој еден од Неговите верни слуги кои трпат неволја (1.11., страница 13).
◻ Што било постигнато со постењето на Израел на годишниот Ден на помирувањето? (3. Мојсеева 16:29—31; 23:27, НС).
Прославувањето на постот ги поттикнувало луѓето од Израел на поголема свесност за нивната грешност и за потребата од откупување. Преку него тие изразувале жалост поради своите гревови, како и покајание пред Бог (15.11., страница 5).
◻ Што се подразбира под налогот до младите: „Спомнувај си за твојот Творец“? (Проповедник 12:1).
Еден авторитет вели дека хебрејскиот збор преведен со „да си спомне“ честопати ја подразбира „наклоноста на умот и постапката што го придружува сеќавањето“. Затоа, да се послуша овој налог значи повеќе отколку само да се размислува за Јехова. Тоа вклучува акција, вршење на она што нему му е угодно (1.12., страница 16).