„А каде е вашата црква?“
НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ во Мозамбик честопати им го поставуваат ова прашање. Отворено речено, до неодамна беше тешко да се одговори на ова прашање. Тоа е затоа што сѐ до 1991 година, Јеховините сведоци не уживаа законско признание во оваа земја. Затоа, не беше можно да се има јасно препознатливи и установени места на обожавање.
Меѓутоа, на 19 февруари 1994 година, таа ситуација се промени. Тој топол, сончев ден, свечено беа отворени првите две Сали на Царството што некогаш се изградени во Мозамбик. На свеченото отворање на овие убави места за состанување во пристанишниот град Беира, на полпат долж брегот на Мозамбик, дојдоа вкупно 602 лица. Салите ќе служат за потребите на трите собранија во тој град.
Целиот проект, од ставањето на темелите па до завршувањето на зградите, зеде една година и два месеца напорна работа. Честопати доаѓаа по 30 или повеќе доброволци од соседен Зимбабве и работеа рамо до рамо со локалните Сведоци. Поради тоа што сите тие не можеа да бидат сместени во мисионерскиот дом во Беира кој служеше како база за операциите, некои кампуваа околу домот за време на викендите, а во некои прилики, и со седмици.
Местото на Салата на Царството за собранијата Масамба и Мунава е лоцирано на главниот пат во Беира. „Еден ден исполнет со активности, кога работата одеше брзо и напредокот беше многу забележлив“ — напомна еден мисионер — „видовме како за малку ќе се случеа сообраќајки додека возачите минуваа зазјапани во Салата на Царството, скоро заборавајќи на воланот.“ Мнозина застануваа за да ја посматраат работата, и беа особено импресионирани од присутноста на различни раси кои работат заедно како еден.
Во работата беше вклучено многу планирање и организирање. За разлика од многу други проекти во овој дел од светот, каде што материјалите и ресурсите се скудни, работата на Салите на Царството никогаш не запре поради недостиг на залихи. Во една прилика беа потребни 800 вреќи цемент и единственото место што можеше да ги набави ги немаше потребните вреќи за ставање на цементот. Браќата контактираа со канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во главниот град Мапуто; вреќите беа испратени со авион, однесени во цементарницата и наполнети. Работата продолжи непрекинато.
Во една друга прилика, кога се монтираа решеткасти конструкции на покривот, екипата ги потроши челичните носачи. Поради крајната скудност, челикот за проектот беше увезен од 600 километри оддалеченост! На еден човек кој посматраше, му пристапи еден од екипата и го запраша дали знае каде би можеле да го најдат челикот за да ја довршат работата. Човекот одговори: „Овде стојам веќе повеќе од еден час, и тоа сигурно не беше случајно. Не можам а да не се восхитувам од работата што ја вршите и од духот на овој проект. Баш го имам челикот што ви треба и ќе ми биде задоволство да ви го понудам како подарок“. Испадна дека тоа беше една толку навремена набавка.
Мнозина набљудувачи се прашуваа која ли голема градежна фирма стоеше зад проектот. Се разбира, на екипата ѝ беше големо задоволство да им каже дека тоа се Јеховини сведоци кои доброволно ги даваат своите услуги. Што особено ги изненадуваше набљудувачите? „Вие сте еден обединет народ“ — забележа еден. „Иако сте од различни раси, вие работите заедно како браќа.“ Резултатот беше тој што мнозина доаѓаа барајќи библиски студии. Тоа имаше влијание и врз состаноците. Просечната присутност на состаноците на собранието Манга, на пример, е повеќе од двојно од бројот на Сведоците.
Новите Сали на Царството навистина се покажаа како голем благослов за локалните Сведоци. Повеќето порано се состануваа на примитивни места со покрив од трева или со неколку лимени табли над главите, во некое задно двориште или, пак, во некоја мала соба во приватен дом. Честопати беа измокрувани кога врнеше; сепак, тие верно присуствуваа на состаноците. Со децении, ова беа единствените „Сали на Царството“ што Сведоците во Мозамбик ги знаеја. Брат Каетану Габриел, старешина во собранието Масамба, изјави: „Благодарни сме им на нашите браќа ширум светот кои приложуваа за остварувањето на овој проект“. Еден млад Сведок се присети: „Кога бевме во Карико („логорите за превоспитување“, каде што Јеховините сведоци беа интернирани скоро 12 години), си велевме: ‚Ќе истраеме верно, и Јехова ќе нѐ награди‘. Новата Сала на Царството е награда од Јехова“. Нивните зборови ја изразуваат нивната длабока благодарност и нивната одлучност да го фалат Јехова.
Многу млади кои учествуваа во градежната работа беа исполнети со пионерскиот дух и потоа започнаа со општата пионерска служба. Дента пред нејзиното свечено отворање, младата Изабел, општа пионерка во собранието Манга, додека гледаше во беспрекорно чистата Сала на Царството, забележа: „За мене ова е најпрекрасното место во градот Беира. Најголемо задоволство ми е да бидам овде“. Адау Коста, мисионер, објасни дека локалните власти биле многу кооперативни со тоа што дозволиле посебни увозни процедури, затоа што биле свесни за чесноста на Јеховините сведоци. Потоа додаде: „Иако многу се уморивме, беше радост да се видат плодовите на сета оваа работа на чест и на слава на Јехова“.
Сега, кога некој пријателски настроен жител на градот Беира ќе праша: „А каде е вашата црква?“ Сведоците го упатуваат на една од двете нови Сали на Царството и одговараат со зборовите како што се: „Таа е на меѓународниот пат Авенида Акордо де Лусака, веднаш спроти Полициската станица на четвртиот ескадрон“. Потоа додаваат една исправка: „Само, тоа не е црква. Тоа е Сала на Царството!“
[Карта/слики на страница 20]
АФРИКА
Мозамбик
Беира
Мапуто
[Извор на слика]
Карта: Mountain High Maps® Copyright © 1995 Digital Wisdom, Inc.