‚Тие се заинтересирани да им помагаат на другите‘
ТОА го рекол еден њујоршки полицаец во врска со Јеховините сведоци. Тој ѝ зборувал на Катлин, една од полновремените доброволци кои служат во светското главно седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк).
Еден топол и сончев есенски ден, за време на пладневната пауза, Катлин седела на една клупа на блиската Променада. Слушала касетофон опремен со слушалки. На еден хелидром преку Ист Ривер во тек биле подготовките за заминувањето на папата кој бил во посета на градот. Безбедноста била на високо ниво насекаде, и извесен број полицајци патролирале по Променадата. Еден од нив ѝ пришол на Катлин и прашал што прави. Катлин одговорила: „Слушам една касета на руски јазик. Знаете, јас сум Јеховин сведок и сакам да научам руски за да ја споделувам добрата вест за Божјето Царство со луѓето кои зборуваат руски, а се дојдени да живеат во градов“.
Полицаецот одговорил дека им се восхитува на Јеховините сведоци во текот на неговите последни 15 години како патролен офицер во Њујорк Сити. Рекол: „Јеховините сведоци ги сметам за организирана религија чии членови се искрено заинтересирани да им помагаат на другите во општината“.
Јеховините сведоци се познати ширум светот по делото на проповедање што го вршат од врата до врата (Дела 20:20). Додека укажуваат на Божјето Царство како на единствено решение за проблемите што го измачуваат човештвото, тие исто така им помагаат на луѓето да го подобрат својот квалитет на животот со тоа што ги охрабруваат да ги применуваат библиските начела во својот секојдневен живот. На пример, Сведоците ги поттикнуваат родителите да обезбедат амбиент во домот што придонесува за учење. Ги поттикнуваат поединците да бидат чесни и да се придржуваат за законот, охрабрувајќи ги да стекнат вештини и особини кои еден работодавач ќе ги смета за скапоцени.
Да, Јеховините сведоци се длабоко заинтересирани да им помагаат на луѓето во општината за да го подобрат својот живот. Срдечно сте поканети да се оѕвиете на следнава понуда.