Потврдено правото на информирана согласност
ЕДНА неодамнешна пресуда објавена од страна на судијата за претходни истражувања при судот во Месина (Италија), потврди дека медицинските желби на еден возрасен пациент се обврзувачки за лекарите. Одлуката беше издадена во случајот во кој се работеше за еден Јеховин сведок.
Во јануари 1994 година, Антонино Стеларио Лентини, 64-годишен Сведок хемофиличен пациент, итно беше однесен во една болница во Таормина, Месина. Катена, сопругата на Антонино, истакна пред болничкиот персонал дека, како Јеховини сведоци, таа и нејзиниот сопруг не би се сложиле за лекување со трансфузија на крв (Дела 15:20, 28, 29). Нивните желби беа почитувани.
Меѓутоа, за време на превезувањето до еден друг здравствен центар, Антонино имаше прекин во дишењето и пристигна во критична состојба. Кратко потоа тој умре. Катена беше скршена, но најде огромна утеха во библиското ветување за воскресение (Дела 24:15). Тогаш, на нејзино огромно изненадување, магистратите — можеби заведени од некоректните вести што беа пропагирани преку медиумите — ја обвинија дека ја предизвикала смртта на својот сопруг затоа што му го одбила лечењето кое лекарите го сметале за неопходно.
По повеќе од една година, на 11 јули 1995 година, Катена беше ослободена од обвинението, бидејќи немаше направено никаков злочин. Всушност, сведоштвото на експертите истакна дека, земајќи ја предвид состојбата на пациентот, медицинската интервенција и онака би била бескорисна.
Но, изјавите на судијата укажаа на главното спорно прашање. Тешко е да се прифати идејата, истакнал тој, дека медицинскиот персонал мора да интервенира кога пациентот или лицата кои го застапуваат, одбиваат лечење. Медицинскиот деонтолошки кодекс во Италија, додаде тој, „ја предвидува неопходноста од добивање информирана согласност од заинтересираното лице пред каква и да е интервенција“. На тој начин, тој наведе дека Катена „законски го заштити својот сопруг да не биде подложен на една таква операција“.
Оваа пресуда го потврдува правото на едно возрасно лице да одбие медицинска постапка што е во судир со неговите или нејзините желби.