Легендата за потопот го поддржува библискиот извештај
ГЛОБАЛНИОТ потоп од времето на Ное е историски факт. Верзии за извештајот се наоѓаат во усната историја на многу различни цивилизации ширум светот. Во африканската земја Чад, племето Мусаје вака го објаснува потопот:
‚Еднаш, на едно далечно место, си живеело едно семејство. Еден ден, мајката на ова семејство сакала да подготви раскошно јадење за своите сакани. Затоа, го зела својот аван и толчникот за да го сомеле житото во брашно. Во тоа време, небото било многу поблиску отколку што е сега. Всушност, ако би ја протегнал раката, си можел да го допреш. Таа го толчела житото со сета своја сила, и просото што го удирала брзо се претворило во брашно. Но, додека толчела, жената невнимателно го подигнала толчникот превисоко и продупчила една дупка во небото! На Земјата веднаш почнало да паѓа огромна количина вода. Тоа не бил обичен дожд. Врнело седум дена и седум ноќи сѐ додека целата Земја не била покриена со вода. Додека паѓал дождот, небото почнало да се крева сѐ додека не застанало таму каде што е сега — недостижно високо. Каква катастрофа за човештвото! Оттогаш, сме ја изгубиле предноста да го допираме небото со своите раце‘.
Интересно е што древните извештаи кои зборуваат за глобален потоп, можат да се најдат по целиот свет. И домородечките цивилизации од Америките, како и абориџините од Австралија, имаат приказни за него. Деталите може да се разликуваат, но повеќето извештаи ја содржат мислата дека Земјата била покриена со вода и дека само малкумина луѓе преживеале во едно пловило направено од човек. Раширената присутност на оваа тема дава поддршка за фактот дека се случил еден светски потоп, како што се известува во Библијата (1. Мојсеева 7:11—20).