Одржани од нивниот најголем Пријател
ЕДЕН вид пријателство особено ги одржува Јеховините сведоци. Тоа е нивното драгоцено пријателство со нивниот најголем Пријател — Јехова Бог. (Спореди Јаков 2:23.) Тој ги поддржува во време на големи испити на верата.
Многу посматрачи ја пофалиле беспрекорноста на Сведоците во минатото под тоталитарните режими. Еден од нив е Јиржи Крупичка, доктор по филозофија и природни науки, кој емигрирал од Чехословачка во 1968 година откако поминал многу години во комунистички концентрациони логори. Во својата книга Renesance rozumu (Ренесанса на разумот), тој коментира за страдањето и непоколебливоста на Сведоците кои биле затворени поради својата неутралност.
Под комунистичката влада, многу Сведоци беа казнети со затвор поради својата вера. Иако затворени, тие одбиваа да копаат ураниум за воени цели (Исаија 2:4). Крупичка опишува една сцена чиј очевидец бил самиот тој во 1952 година во еден од овие рудници. Видел две фигури како стојат како ледени статуи на острото зимско време. Главите и горниот дел од телото им биле покриени со метални буриња.
Крупичка пишува: „Уште од рано утро стоеја надвор во затворенички партали. Како можеа да издржат да стојат толку долго на смрзнати нозе? Преку силата на верата. Бурињата беа стари и ’рѓосани. Суровата рака им ги набила на главите и рамењата толку силно што назабениот раб му се всече дури преку палтото во кожата на едниот од нив, а од ракавот му капеше крв.
Стражата ја запре нашата колона пред нив и командирот ни одржа краток говор. Одбивањето да работат, рече тој, е бунт и тоа соодветно се казнува. Никакви сентиментални глупости за војната и убивањето нема да им помогнат на овие приговарачи и непријатели на социјализмот“.
Командирот зел една метална шипка и удрил по едно од бурињата. Човекот паднал сосе бурето кое сѐ уште му ја покривало главата. Она што потоа се случило, длабоко е врежано во сеќавањето на Крупичка.
Тој наведува: „Од бурињата се чу пеење. Слаби звуци на шепотена молитва до Бог, кој слуша сѐ и отсекаде — па дури и обид за пеење од под старите, ’рѓосани буриња за ураниум. Тој го слуша тоа посилно отколку хорската песна во голема катедрала“.
На 1 септември 1993 година, делото на Јеховините сведоци во Република Чешка беше официјално законски признато. Чешките Сведоци сега се радуваат што можат да продолжат на слобода со своето христијанско образовно дело. Да, тие се радуваат да им кажуваат на другите за Јехова, нивниот најголем Пријател.
[Слика на страница 7]
Конгресни делегати во Република Чешка