Вистинито како евангелие
УШТЕ од 1901 година, Магдаленскиот колеџ од Оксфорд (Англија) поседува три малечки фрагменти од еден манускрипт од Евангелието по Матеј, познат како P64. Извесно време, научниците мислеа дека тие датираат од крајот на вториот век н. е.
Неодамна, Карстен П. Тиде, експерт по папирологија од Падерборн (Германија), извршил едно темелно испитување на P64, кој се состои од парчиња од 10 стихови од Матеј, поглавје 26. Каков бил резултатот? Пишувајќи во Zeitschrift für Papyrologie und Epigraphik (Списание за папирологија и епиграфика), Тиде ги опишува оксфордските фрагменти како „фрагмент од христијанскиот кодекс од првиот век, кој можеби (иако не мора да значи) датира пред AD 70“.
Забележувањата на Тиде кренаа голем прав во печатот и во научните кругови. Зошто? Затоа што она што моментално се прифаќаше како најстар преостанат дел од текст од евангелијата, е P52, фрагмент од Евангелието по Јован, кој датира од околу 125 година н. е. или не порано од вториот век.
Дали новиот датум што му е даден на папирусниот фрагмент P64 ќе биде пошироко прифатен, останува да се види. Во секој случај, поранешниот датум не само што ќе го направи P64 најстар постоечки фрагмент од евангелијата туку тој ќе даде и додатен доказ кој покажува дека Евангелието по Матеј навистина било напишано во првиот век, веројатно уште пред 70 година н. е., кога сѐ уште биле живи бројни очевидци на настаните од Исусовиот живот, за да ја потврдат вистината на евангелието.
[Извор на слика на страница 32]
Со дозвола од претседателот и од колегиумот на Магдаленскиот колеџ (Оксфорд)