Објавителите на Царството известуваат
‚Светејќи како светила во светот‘
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ се истакнуваат како единствени и честопати добиваат лош публицитет поради нивното неприфаќање на трансфузија на крв. Меѓутоа, овој став цврсто се темели на Библијата. Таа покажува дека Бог ја осудува злоупотребата на крвта, бидејќи крвта е скапоцена во негови очи (1. Мојсеева 9:3, 4; 3. Мојсеева 17:14). Како резултат на истражувањето на Светото писмо во врска со оваа тема, Јеховините сведоци заклучуваат дека библиското упатство да ‚се воздржуваат од крв‘ јасно го вклучува и современото практикување на трансфузија на крв (Дела 15:19, 20, 28, 29).
Во последниве години, членовите на медицинските кругови, како и судовите во некои земји, почнаа да ги поддржуваат Јеховините сведоци по ова прашање. На пример, една млада мајка од Данска, која беше запознаена со библиското гледиште за крвта, умре како последица на една сообраќајна несреќа. Поради нејзиното одбивање да прифати трансфузија на крв, нејзините лекари преку медиумите покренаа една непријателска кампања против Јеховините сведоци која траеше цел месец.
Родителите на младата жена бараа истрага и, во април 1994 година, Данската комисија за родителски жалби ја објави одлуката во која беше наведено дека пациентката умрела не поради тоа што одбила крв, туку поради несоодветен медицински третман. Одлуката се темелеше на истражувањата од страна на Одборот за судска медицина и на здравствените авторитети. Во едно циркуларно писмо до сите здравствени установи во Данска, Националниот одбор за здравство наведе дека лекарите се должни на Јеховините сведоци да им го дадат најдоброто расположливо алтернативно лекување, земајќи го во обѕир нивното одбивање да примат крв.
Во еден друг случај се работеше за Дан, 15-годишен Сведок кој умре од леукемија. Во овој случај, лекарите ја почитуваа Дановата смела одлука да одбие трансфузија на крв. Тоа доведе до една раширена кампања во печатот, во која медиумите ги обвинуваа лекарите за смртта на Дан. Меѓутоа, многумина не се сложуваа со негативната пропаганда.
На пример, директорот на училиштето во кое учеше Дан, бил присутен на погребниот говор во Салата на Царството. Тој рече дека е шокиран од некоректниот извештај за смртта на Дан. Откако му пристапил на еден свој колега Сведок со повеќе прашања во врска со Јеховините сведоци, тој примил примерок од видеокасетата Јеховини сведоци — организацијата зад името. Видеокасетата толку го импресионирала што организирал да ја гледаат сите професори во училиштето. Подоцна, видеокасетата им била прикажана и на сите ученици од сите класови.
Данскиот министер за здравство исто така не се согласил со лошиот публицитет што го добиле лекарите на Дан. Тој изјавил дека лекарите постапиле исправно со тоа што ја почитувале Дановата зрела одлука и добро темелена вера.
Постојат милиони објавители на Царството кои покажуваат послушност спрема Божјите закони. Поради нивната послушност, тие се истакнуваат ‚светејќи како светила во светот‘ (Филипјаните 2:12, 15).