Законски пробив
ВО АПРИЛ 1995 година беше добиена една значајна победа на судот. Сето тоа започна на 28 јануари 1992 година, кога Луз Нереда Асеведо Квилес (24) беше примена во болницата Ел Буен Пастор, во Порторико, поради еден незадолжителен хируршки зафат. Кога беше примена, и усмено и писмено таа изјави дека, како Јеховин сведок, не сака да прими трансфузија на крв (Дела 15:28, 29). Болничката екипа за случајот вклучувајќи го и докторот што ја лекувал, била добро запознаена со нејзината желба.
Два дена после операцијата, Луз изгубила премногу крв и поради крвавењето дошло до појава на акутна анемија. Нејзиниот лекар, д-р. Хозе Родригез Родригез, сметал дека единствениот начин да ѝ се помогне е да ѝ се даде трансфузија на крв. Затоа, без нејзино знаење и согласност, тој побарал судски налог за да ѝ се даде трансфузија на Луз.
Иако Луз била потполно свесна и способна да зборува самата за себе, д-р. Родригез Родригез упорно тврдел дека, поради итноста на случајот, нема време за да се добие нечија согласност. Окружниот јавен обвинител, Едуардо Перез Сото, го потпишал формуларот, а окружниот судија, Почитуваниот Анкел Луис Родригез Рамоз, издал судски налог за трансфузија на крв.
Така, на 31 јануари 1992 година, Луз била одведена во операционата сала каде што ѝ била дадена трансфузија. За време на трансфузијата, таа слушнала како се смеат некои од болничкиот персонал. Други ја прекорувале, велејќи дека она што ѝ се прави е за нејзино добро. Таа се борела колку што ѝ дозволувале можностите — но напразно. До крајот на денот, Луз примила четири единици крв.
Во Порторико, случајот на Луз не бил ниту прв ниту последен кога станува збор за трансфузиите на крв и Јеховините сведоци. Пред нејзиниот случај биле издадени најмалку 15 судски налози за трансфузија на крв, и тоа против волјата на возрасни Јеховини сведоци, а оттогаш наваму се издадени уште повеќе. За жал, во еден случај судскиот налог бил извршен, па врз една пациентка била применета трансфузија на крв присилно, додека била во несвесна состојба.
Меѓутоа, борбата на Луз не завршила во операционата сала. Во октомври 1993 година, таа поднела обвинение до Комонвелтот на Порторико. Случајот бил сослушан пред Вишиот суд, а на 18 април 1995 година било донесено решение во нејзина корист. Судот изјавил дека налогот да се даде трансфузија на крв бил „противуставен и ја лишил обвинителката од нејзиното право да ја исповеда својата религија, од правото на своја приватност и на самоодлучување за своето тело без некаква процедура од страна на законот“.
Оваа одлука беше значајна, бидејќи за првпат судот во Порторико донел решение во корист на Јеховините сведоци, кога станува збор за случај со трансфузија на крв. Пресудата предизвикала бурна реакција. Била одржана конференција за печат, на која биле присутни врвни новинари од весниците, радиото и телевизијата.
Истата вечер, на една радио-програма било емитувано интервју со еден од адвокатите на Луз. Слушателите биле повикани да телефонираат и да поставуваат прашања. Се јавиле многу лекари и правници и ја изразиле својата поволна реакција во врска со случајот. Еден од оние што се јавиле рекол: „Науката не може да потврди дека трансфузијата на крв ќе спаси животи, а таквото размислување е заблуда“. Исто така, тој изјавил: „Наскоро трансфузијата на крв ќе влезе во историјата како една од најголемите заблуди и грешки на современата медицина“.
Подоцна, еден високо ценет професор по правни науки се јавил во канцеларијата на подружницата на Друштвото Стражарска кула и го изразил своето големо задоволство за она што тој го нарекол „победа што одекнува“. Тој додал дека одлуката на судот се залага за уставните права, но не само на Јеховините сведоци туку и на сите државјани на Порторико.