Дали мирот е возможен?
„СЕКОГАШ ќе има војна некаде. Тоа е жалосната вистина за човештвото.“ Ова песимистичко гледиште неодамна се појави во списанието Newsweek во писмото од еден читател. Дали се сложуваш ти со тоа? Дали војната е неизбежна а мирот невозможен? Судејќи според историските факти, принудени сме на обете прашања да одговориме со ‚да‘. Уште откако постојат пишани документи, човештвото било вплеткувано од една војна во друга, а како што луѓето развивале поделотворни начини да се убиваат едни со други, конфликтите станувале сѐ поразорни и поразорни.
Овој XX век не бил исклучок. Всушност, тој е сведок на најкрвавите војни што некогаш се воделе, но исто така тој сведочел и за нешто друго. Пред педесет години, Соединетите Држави ја воведоа нуклеарната ера кога фрлија две атомски бомби над Јапонија. Во петте децении оттогаш па досега, народите создале огромни резерви од нуклеарно оружје кое би можело повеќепати да го уништи човештвото. Дали постоењето на нуклеарно оружје конечно ќе го спречи човекот да води војна? Фактите говорат сами за себе. Од 1945 година наваму, многу милиони умреле во војните — иако досега не биле фрлени други нуклеарни бомби.
Зошто човечката раса е толку воинствена? Encyclopedia Americana споменува некои аспекти од човечкото општество кои историски гледано доведувале до војна. Во нив спаѓаат верската нетрпеливост, расизмот, културните разлики, спротивните идеологии (како комунизам и капитализам), национализмот и доктрината за национална сувереност, економските услови, како и популарното прифаќање на милитаризмот. Додека го читаш овој список, дали гледаш нешто што веројатно ќе се промени во блиска иднина? Дали народите ќе станат помалку одлучни да ја сочуваат својата сувереност? Ќе станат ли луѓето помалку расистички настроени? Дали религиозните фундаменталисти ќе бидат помалку фанатични? Тоа е малку веројатно.
Тогаш, зарем не постои воопшто никаква надеж дека еден ден работите ќе бидат подобри и дека ќе владее траен мир? Да, постои надеж. И покрај метежот во овој свет, можно е уште денес да се пронајде мир. Милиони веќе го пронашле. Дозволи да ти раскажеме за неколкумина од нив и да видиш какво значење можат да имаат нивните искуства за тебе.
[Извор на слика на страница 2]
Background cover and page 32: Reuters/Bettmann
[Извор на слика на страница 3]
Reuters/Bettmann