Јеховините сведоци ширум светот — Нов Зеланд
МОЖАТ ли островите да го фалат Јехова? Според Исаија 42:10, можат, а таму пишува: „Пејте Му на Господа нова песна, похвална за Него од земните краишта, . . . островите и оние што живеат на нив“. Без сомнение, островите кои го сочинуваат Нов Зеланд, го фалат Јехова. Во светот познат по своите езера, фјордови и издигнати планини, по глечерите, плажите и тропските шуми обраснати со папрат, како и по бујните селски пејзажи, Нов Зеланд уверливо зборува за величественоста и за возвишеноста на Творецот на небото и на Земјата.
Уште на самиот почеток од овој век, сѐ повеќе жители на Нов Зеланд ги придружуваат своите гласови во фалбата за Јехова, свртувајќи се кон него со чисто обожавање и делејќи ја со другите добрата вест за Божјето Царство. Неодамна, еден Сведок кој слушнал едно убаво искуство во врска со давање сведоштво на роднините, одлучил да се обиде и тој да сведочи во своето семејство. На неколку членови од семејството им подарил примероци од книгата И ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. Каков резултат има постигнато досега? Тој кажува дека една негова сестра и еден брат ја проучуваат Библијата, еден од внуците се крстил како Јеховин сведок, додека останатите се поприемливи за вистината од Божјата Реч. Тој сѐ уште има широко поле за работа бидејќи, освен родителите, има уште шест браќа и девет сестри!
Фалба на Јехова се дава и тогаш кога Сведоците ги здружуваат силите за да градат Сали на Царството. На пример, во весникот Opotiki News од 17 мај 1994, новинскиот колумнист Рој Перкинс напишал: „Со оглед на тоа што не сум верник, длабоко сум импресиониран од работата и од напорите на сите оддадени работници кои од љубов кон својот Бог вложија толку многу време и напори во проектот.
За сето време додека се работеше во текот на викендот, воопшто не видов ниту слушнав за каква и да е расправија на некоја група работници . . . Жените беа качени на скеле и работеа заедно со мажите, редеа малтер, креваа и носеа градежни материјали, а сето тоа се одвиваше во една опуштена и радосна атмосфера.
Не беше изгубена ниту една минута за некој да направи пауза и да испуши цигара. Без оглед на тоа со колкав капацитет работеа овие луѓе, воздухот беше чист и незагаден, барем онолку колку што дозволуваше пареата од боите и правот од циглите“.
Старешинството на собранието Опотики напиша: „Целиот проект остави длабок впечаток врз луѓето од градот. Изгледа како сите да зборуваат за тоа. Беа започнати неколку библиски студии. Необично интересна е студијата со една особено религиозна брачна двојка, која во текот на многу години не сакаше да ја посетуваме. Секој ден мажот и жената доаѓаа на местото каде што се градеше, а потоа одеа на состанок. Подоцна мажот рече: ‚Гледам дека вие сте Божји народ. Во себеси отсекогаш посакував да се дружам со вакви луѓе‘“.
Во врска со брзата изградба на Сала на Царството во Данедин, еден колумнист од весникот Otago Daily Times минатата година го рекол следново: „Тоа беше една извонредна изградба, еден извонреден пример на мотивација и на вложување на сопствените сили“. Истиот весник коментирал: „Луѓето од градот со воодушевеност гледаа како една голема градба расте пред нивните очи, а сигурно многумина размислуваат кои други промени и корисни проекти би можеле да се направат ако се има на располагање еден сличен собир од доброволни работници и изобилен дух на соработка. Салата на Царството е достоинствен симбол на резултатите кои се постигнуваат кога ќе се вложат позитивни напори“.
Од стотиците луѓе кои го посетија местото на изградба, еден господин напомнал дека Сведоците градат „цркви“ додека во неговата религија тие се продаваат поради сѐ помалиот број членови. „Само да почекавте уште дванаесеттина месеци, ќе можевте да купите една од нашите цркви“, се осмели да рече тој. „Мораме да продадеме една од нив затоа што не можеме редовно да ги плаќаме трошоците. Но, се разбира, вие немате платено свештенство . . . Освен тоа, за вашите градби се потребни мали трошоци, бидејќи немате високи згради со кубиња кои едвај можат да се одржуваат.“
Очигледно е дека островите навистина можат да го фалат Бог. Фалбите за Јехова нека продолжат да одекнуваат во оваа прекрасна пацифичка земја — и ширум светот!
[Рамка на страница 9]
ИЗВЕШТАЈ ОД ЗЕМЈАТА
за 1994 службена година
НАЈВИСОК БРОЈ НА ОБЈАВИТЕЛИ: 12.867
ОДНОС: 1 Сведок на 271
ПРИСУТНИ НА СПОМЕНОТ: 24.436
ПРОСЕЧЕН БРОЈ НА ПИОНЕРИ: 1.386
ПРОСЕК НА БИБЛИСКИ СТУДИИ: 7.519
БРОЈ НА КРСТЕНИ: 568
БРОЈ НА СОБРАНИЈА: 158
ПОДРУЖНИЦА: МАНУРЕВА
[Слика на страница 9]
Пионери на пат до подрачјето, околу 1930 година
[Слика на страница 9]
Објектите на подружницата во Манурева
[Слика на страница 9]
Проповедање на веста за Царството во Девенпорт, Окланд