Како да ги збогатиш своите молитви?
МОЛИТВАТА е нешто посебно меѓу сите љубезни подготовки од Јехова Бог. Противниците можат да ти ја одземат Библијата или да те спречат да се состануваш со сообожавателите, но никој не може да ти ја одземе молитвата. Не е можно доволно да се нагласи нејзината вредност. Според тоа, колку само е важно секој од нас да ја цени и потполно да ја искористи оваа предност. Што може да ти помогне да ги збогатиш своите молитви?
Библијата не е молитвеник. Па сепак, за неа може да се рече дека е најголем учебник за молитви на човештвото. Само Хебрејските списи содржат повеќе од 150 молитви. Некои од нив се кратки; други се долги. Тие биле изговорени јавно или во тајност, од цареви или од заробеници, во победи или во неволји. Како што пеел Давид во Псалм 64:2, „секој човек“ се обраќа кон Јехова кој ‚ги услишува молитвите‘. Зошто Бог ги инспирирал писателите на Библијата да забележат толку богат избор на молитви?
За да одговориме на ова прашање, да го разгледаме стихот од 2. Тимотеј 3:16. Таму вели: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно“. Според тоа, библиските молитви се запишани за да нѐ водат, исто како и библиските пророштва, начела и историја. Како можат да ни користат овие молитви?
Ако поблиску ги разгледаме молитвите од Светото писмо, ќе можеме да ги препознаеме оние кои биле кажани во ситуации слични на нашата. Можеме да научиме како молитвите се разликуваат во целта и околностите. Освен тоа, ќе откриеме нови изрази на фалба и благодарност, како и нови зборови за нашите молби и преколнувања. Накратко, библиските молитви можат да ни помогнат да ги збогатиме своите сопствени молитви.
Марија, која му станала мајка на Исус, очигледно извлекла корист од изразите што биле употребени во една молитва запишана во Библијата. Таа ја посетила својата роднина Елисавета откако секоја од нив, со божествена помош, забременила со син. Марија искажала фалба и благодарност на Бог, а некои од нејзините зборови се забележително слични со зборовите што ги содржи една молитва во Хебрејските списи. Најверојатно на Марија ѝ била позната молитвата што ја изговорила Ана, мајката на пророкот Самуил. Повеќе од 1.000 години пред тоа, со Божја помош и Ана забременила со син. Можно ли е Марија да медитирала за оваа молитва, бидејќи таа ги одразувала и нејзините чувства? (1. Царства 2:1-10; Лука 1:46-55).
А како е со тебе? Можеш ли да се сетиш на некоја библиска молитва што била кажана во околности слични на твоите? Ако пронајдеш такви молитви, и ако ги читаш и медитираш за нив, тоа ќе ти помогне да ја збогатиш својата комуникација со Бог. Во следнава статија те поттикнуваме да разгледаш три молитви од Светото писмо. Тие биле кажани под различни околности, кои можеби се слични на твоите.