Објавителите на Царството известуваат
Божјиот народ спремно се понудува себеси
НЕГОВОТО име било Јосија, а живеел на островот Кипар. Бил еден од христијаните кои во првиот век продавале ниви и куќи за да приложат материјални средства за напредокот на христијанството. Поради неговата срдечност и дарежливост, станал познат како Варнава, што значи „син на утехата“ (Дела 4:34-37).
Таквиот искрен интерес за другите отсекогаш бил заштитен знак на вистинските обожаватели на Јехова. Јеховините сведоци во денешно време не се поинакви, како што е истакнато во следново искуство од Соломоновите острови.
Една група од над 60 Сведоци од Австралија и од Нов Зеланд, допатувале во Хониара, главниот град на Соломоновите острови, што се наоѓа на Гвадалканал. Тие дошле да помогнат при градењето на Конгресна сала за поголеми христијански собири. Им биле потребни само две седмици за да подигнат сала со капацитет од околу 1.200 седишта!
Отприлика во истото време, локалните власти на гратчето Мунда, на островот Нова Џорџија, му подариле на собранието на Јеховините сведоци една парцела во самиот центар на градот. Тие сакале да изградат Сала на Царството — место на обожавање кое навистина им било потребно. Се состанувале во дневната соба на една мала куќичка од лисја, но немале средства да изградат Сала на Царството.a Повеќето од собранието биле повозрасни и немоќни луѓе или деца, и немало никој со искуство од градежната струка.
На оддалеченост од околу 380 километри, на островот Гвадалканал, Сведоците во градот Хониара спремно се понудиле себеси (Псалм 110:3, НС). Тие размислувале: „Штом нашите браќа од другите земји беа спремни за две седмици да ни изградат Конгресна сала, тогаш сигурно можеме и ние да им помогнеме на нашите браќа во Мунда и за две седмици да им изградиме Сала на Царството.
Тоа и се случило. Еден ден, на Мунда пристигнал ферибот полн со среќни и ревни Сведоци доброволци. Мажи и жени, стари и млади, сите се зафатиле со растоварување и биле спремни да започнат да градат со греди, цемент, кровни железни конструкции и со други материјали што веќе претходно пристигнале на Мунда.
Кратко по започнувањето на работата, една силна олуја го прекинала доводот на вода во градот. Меѓутоа, ова не било несовладлив проблем. Сведоците ископале бунар кој ги снабдувал со вода цело време додека траела изградбата. А како се обезбедила храна за сите тие работници? Ниту тоа не претставувало проблем. Доброволците од Хониара биле испратени со изобилство храна снабдена од собранијата во Хониара. Тие донеле дури и свои сопствени готвачи!
Соседите зачудено го гледале напредокот на проектот. Еден од нив рекол: „Овдека не се случува такво нешто за неколку дена. Потребни се години“. Еден друг сосед, религиозен водач, признал дека неговата црква се гради веќе 20 години, а сѐ уште не е завршена. За разлика од тоа, новата Сала на Царството на Јеховините сведоци во Мунда била завршена за само 10 дена!
[Фуснота]
a Куќата од лисја е направена од материјали што се исечени од шумата или од џунглата. Конструкцијата е направена од прачки и стапови, а покривот и ѕидовите се обложени со табли направени од палмови лисја завиткани околу прачките и зашиени со винова лоза.
[Карти на страница 24]
(Види во публикацијата)
Јужен Пацифик
СОЛОМОНОВИ ОСТРОВИ
Мунда
ГВАДАЛКАНАЛ
Хониара
[Карта]
АВСТРАЛИЈА
НОВ ЗЕЛАНД