Најкраткиот Псалм — едно охрабрување да го фалиме Јехова
ОД 150-те инспирирани псалми, 116. Псалм е најкраткиот. Во него пишува: „Фалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе, зашто се зацврсти Неговата голема милост на нас, и вистината Господова пребива вечно. [Луѓе, фалете го Јах, НС.]“
Оваа песна на фалба е повик до сите народи да го фалат Јехова бидејќи се увериле во величествениот начин на којшто постапувал со својот народ Израел. Неговите постапки го откриваат како Бог кој е достоен за слава и фалба.
И покрај грешноста и повторуваните пропусти на Израелците, Јехова бил милосрден и сочувствителен. Тој лојално се држел за своето ветување кое му го дал на Авраам дека ‚преку неговото потомство ќе бидат благословени сите народи на Земјата‘ (1. Мојсеева 22:18). Низ вековите, сѐ додека ветеното семе конечно не се појавило, Јехова Бог не го отфрлил Израел како свој народ. На тој начин се докажал како Бог на срдечна доброта. Исто така, својата вистинитост ја покажал исполнувајќи го своето ветување. На пример, Исус Навин ги потсетил Израелците: „А вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог: сѐ се изврши на вас“ (Исус Навин 23:14).
Особено со доаѓањето на Исус Христос, како ветеното семе, дошло време за луѓето од сите народи да го фалат Јехова. Токму за ова им пишал Павле на христијаните во Рим: „Исус Христос стана слуга на обрезанието поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата, дадени на татковците, а, пак, незнабошците да Го прослават Бога за Неговата милосрдност, како што е напишано: ‚Затоа Те прославувам, Господи, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име‘. И пак е речено: ‚Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!‘ И пак: ‚Фалете Го Господа сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!‘“ (Римјаните 15:8-11).
Додека Јехова Бог низ многу векови со Израелците постапувал на еден извонреден начин, тој всушност ги подготвувал работите за благослов на целото човештво преку семето на Авраам, првенствено Исус Христос. На темел на тоа што Исус го дал својот живот како жртва, на луѓе од сите нации можат да им бидат простени гревовите и така ќе можат да добијат призната положба пред Највишиот. Навистина, тогаш луѓе од сите народи ќе имаат причина да му изразат благодарност на Јехова за неговата срдечна доброта и вистинитост со оглед на раѓањето на ветеното семе како природен потомок на Авраам.