„Тоа е начинот како вистинските христијани треба да се однесуваат“
ВО СВОЈАТА книга Arbeit macht tot — Eine Jugend in Auschwitz (Работата убива — Младост во Аушвиц), издадена 1990, Тибор Вол, кој го преживеал Аушвиц, го забележал разговорот помеѓу двајца затвореници, што случајно го начул. Едниот, Австриец, тврдел дека е „неверник“. Сепак, тој ги пофалил затворениците кои имале пурпурни триаголници како ознака за Истражувачите на Библијата — како што ги викале Јеховините сведоци во логорот.
„Тие не одат во војна“, му рече Австриецот на својот другар. „Попрво ќе дозволат да бидат убиени отколку тие да убијат некого. Според мене, тоа е начинот како вистинските христијани треба да се однесуваат. Мора да ти раскажам за една многу интересна згода што сум ја доживеал со нив. Во еден блок во логорот Штутхоф, бевме заедно со Евреите и со Истражувачите на Библијата. Во тоа време, Истражувачите на Библијата требаше напорно да работат, надвор на остриот студ. Не можевме да разбереме како преживеаја. Тие велеа дека Јехова им дал сила. Очајнички им беше потребен нивниот леб, бидејќи беа изгладнети. Но што сторија тие? Го собраа сиот леб што го имаа, зедоа половина од него, а другата половина им ја дадоа на нивните браќа — нивните духовни браќа кои дојдоа прегладнети од други логори. Тие им изразија добредојде и ги бакнаа. Се помолија пред да јадат, а потоа нивните лица бликнаа од радост. Рекоа дека никој повеќе не е гладен. Гледаш, си реков во себе, ‚Тоа се вистински христијани‘. Така отсекогаш и си ги замислував. Колку би било убаво да им се изразува едно такво добредојде на изгладнетите другари овде во Аушвиц!“