Роденденски прослави кои оставиле смртни траги
МНОГУМИНА денес на прославата на родендени едноставно гледаат како на еден безопасен обичај. Но, Библијата не ја прикажува оваа традиција во позитивно светло. Всушност, Библијата не содржи некакво навестување дека некој од верните Божји слуги славел родендени.
Единствените два родендена што ги спомнува Библијата се родендени на владетели кои биле Божји непријатели. И на двете прослави била извршена смртна казна така што гостите можеле да уживаат додека ја гледале смртта на оној кој го налутил царот. Во првиот случај, Фараонот, царот на Египет, го погубил шефот на пекарите (1. Мојсеева 40:2, 3, 20, 22). Египетскиот владетел го сторил тоа во текот на гозбата, бидејќи се разлутил на неговиот слуга. Во вториот случај, Ирод, неморалниот владетел на Галилеја, му ја отсекол главата на Јован Крстител за да ја исполни желбата на една девојка чија игра му причинила задоволство. Колку одвратни сцени! (Матеј 14:6-11).
Но, зарем Библијата не се сосредоточува на два екстремни родендени? Всушност, не. Древниот еврејски историчар Јосиф открил дека ваквите инциденти не биле единствени. Тој известува за други случаи во кои на роденденот биле извршени погубувања заради разонода.
На пример, некои родендени се славеле по уништувањето на Ерусалим во 70. н. е., кога 1.000.000 Евреи загинале, а 97.000 преживеани биле заробени. На патот до Рим, римскиот генерал Тит ги повел еврејските заробеници до блиското морско пристаниште во Цезареја.
Јосиф напишал: „Додека престојувал во Цезареја, Тит во огромен раскош го прославил роденденот на неговиот брат Домицијан, погубувајќи над 2.500 заробеници во игри со ѕверови и пламени. После тоа отишол во Берит [Бејрут], римска колонија во Феникија, каде што го прославил роденденот на својот татко, убивајќи уште повеќе заробеници на еден спектакуларен начин (The Jewish War, том VII, страница 37, преведено од Пол Л. Мајер во Josephus: The Essential Writings).
Не е ни чудо што речникот The Imperial Bible-Dictionary коментира: „Подоцна, славењето на родендените Евреите го гледале како дел од идолопоклонство, гледиште кое во голема мера било поткрепено со она што можело да се види на вообичаените прослави во нивно време“.
Верните христијани од првиот век, не требало да учествуваат во еден обичај кој е толку негативно прикажан во Библијата и толку одвратно прославуван од Римјаните. Денес, искрените христијани сфаќаат дека библиските извештаи за родендените се дел од работите што биле напишани за нивна поука (Римјаните 15:4). Тие не слават родендени бидејќи таквите прослави на поединецот му оддаваат чест која не му припаѓа. Што е уште поважно, Јеховините слуги мудро го земаат во обѕир неповолното прикажување на родендените во Библијата.
[Слика на страница 25]
Арена во Цезареја