Објавителите на Царството известуваат
Бог не е пристрасен
ПРЕД 1.900 години, апостол Петар му сведочел на воениот офицер Корнилиј со зборовите: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35). Корнилиј покажал страв од Бог и љубов кон праведноста. Го прифатил сведоштвото што му го дал Петар и станал христијанин.
Истото начело важи и денес — Бог не е пристрасен. Тоа го забележуваме од едно искуство од Германија. Извештајот гласи:
„На подрачјето на нашето собрание се наоѓа огромна руска касарна. Во 1989, набргу откако падна берлинскиот ѕид, старешините прашаа дали некој од објавителите знае руски. Некои од нас го знаеја, па така отидовме да го обработиме ова подрачје кое се покажа како вистинска радост. Следи едно од многуте искуства:
Бев со еден некрстен објавител (кој во меѓувреме се крсти) кога разговаравме со еден командир. Командирот сослуша што имавме да му кажеме, а потоа нѐ повика да разговараме со неговите војници. Рече дека и тие мораат да слушнат за Бог и Библијата, па така закажавме повторна посета.
Замоливме една сестра која течно го зборува рускиот јазик да појде со нас како толкувач. Во клубот на касарната поставивме маса со литература и имавме можност да разговараме со 68-мина војници и да одговараме на нивните прашања. После тоа, тие со задоволство зедоа 35 книги и речиси 100 списанија. Откако го напуштивме клубот, здогледавме мали групи како меѓусебно разговараат за литературата.
Се договоривме да дојдеме повторно на 4. јули 1992. Откако пристигнавме во 10.50 часот, стражата на портата пред касарната ни рече дека војниците нѐ очекуваат. Еден мајор нѐ поведе во клубот каде затекнавме една госпоѓа која претходно зела од нас литература за библиотеката и го разгласила нашето доаѓање со плакати на ѕидовите од касарната. Тројца браќа одржаа кратки говори за нашето светско дело и објаснија зошто можеме да имаме доверба во Библијата. Потоа, ги сослушавме прашањата од публиката на кои одговаравме од Библијата. Меѓу другото прашаа: Каков став имаат Јеховините сведоци спрема воената служба и дали некои стануваат војници од нив? Тоа беше прилика за некрстениот објавител, кој и претходно беше со мене, да ја опише својата 25-годишна кариера во источногерманската воена служба во која, во последните години, служел како капетан на воздухопловните сили. Раскажа на кој начин го запознал Бог и Библијата и дека сега сака да стане Јеховин сведок. Војниците беа импресионирани од она што го чуја. За само седум минути, сета литература која ја донесовме со себе се најде кај војниците, а многумина побараа Библии. Во една книжарница можевме да набавиме седум руски Библии кои со ценење ги зедоа. Навистина причинуваше радост на овие духовно гладни луѓе да им се дадат библиски информации, а ние се надеваме дека ќе постапуваат според нив.“
Навистина, Бог не е пристрасен. Преку својата Реч ги повикува луѓето со искрени срца, без обѕир што се или откаде се. Тој ги повикува да го запознаат него и неговиот Син Исус Христос, а многу луѓе од сите животни профили тоа и го прават (Јован 17:3).