Како дрво
„БЕЗУМНИТЕ како мене пишуваат песни, но само Бог може дрво да направи.“ Возвишувајќи ја повеќекратната корист од дрвјата, поетот Џоис Килмер му ја припишал заслугата на Бог за неговото творештво.
Јехова Бог создал голем број различни убави и корисни дрвја. Дрвја како џуџиња или како џинови се толку убави што дури не можат да се опишат. И не само тоа, дрвјата ни даваат храна, огрев и покрив над главата, а дизајнерите секојдневно се трудат да пронајдат нова употреба на дрвото.
Во Библијата честопати со дрвјата симболично се претставуваат царства, владетели или поединци (Језекиил 31:1-18; Даниил 4:10-26). Дрвјата се спомнуваат како асоцијација на среќните, мирни и плодни услови кои ќе произлезат од Јеховиното владетелство и обновата на неговиот народ (1. Летописи 16:33; Исаија 55:12; Језекиил 34:27; 36:30). Библијата ветува и дека деновите на Божјиот народ ќе бидат како деновите на дрвото (Исаија 65:22). Ова има големо значење ако знаеме дека некои дрвја живеат со векови.
Еден библиски псалмист рекол дека човекот кој ужива во Божјиот закон ќе биде „како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сѐ што прави, напредува“. Едно раскошно дрво засадено покрај богат воден извор го потсетило псалмистот на духовниот напредок кои го уживале оние на кои им „омилел законот на Господа“ (Псалм 1:1-3). Ако искрено уживаш во Божјиот закон и Светата Реч, твоите денови можат да бидат како оние на дрвото. Всушност, ако постапуваш во склад со точното спознание за Јехова Бог и Исус Христос, можеш да се надеваш на вечен живот (Јован 17:3).