Се преценува трансфузијата на крв?
Трансфузијата на крв е општо прифатена во денешната медицина, но дали таа е толку корисна како што се вели? Што мислиш ти?
Во The American Journal of Medicine (Американското медицинско списание од февруари 1993), д-р Крејг Киченс прашал: „Дали се преценува трансфузијата на крв?“ Тој забележал дека лекарите при пропишувањето на некоја терапија најнапред внимателно ќе ги одмерат корисните учиноци наспрема ризиците. Но, што е со трансфузијата?
Киченс ги анализирал доказите кои биле неодамна утврдени за многубројните ризици кои се поврзани со трансфузијата на крв како што се: хепатитот, ослабен имунолошки систем, откажување на функциите на органите и алергиски реакции. Во едно истражување наброени се „безброј компликации“ настанати поради трансфузија на крв „и се заклучува дека после секоја трансфузија за 20 отсто се поголеми шансите да се случат неповолни реакции, од кои некои се незначителни, а други разорни“, дури и смртоносни.
Меѓутоа, дали наводната корист од трансфузијата оправдува да се прифатат таквите ризици?
Д-р Киченс анализирал 16 направени студии во кои биле вклучени 1.404 операции над Јеховини сведоци кои одбиле трансфузија од послушност кон библиската заповед да ‚се воздржуваат од крв‘ (Дела на св. апостоли 15:28, 29).
Со каков резултат? „Се чини дека одлуката на пациентите Јеховини сведоци да одбиваат трансфузија при поголеми хируршки зафати, ја зголемува смртноста за 0,5 до 1,5 отсто во однос на општиот оперативен ризик. Не е извесно колку со оваа пракса би се намалил морбидитетот, односно морталитетот, но ризикот веројатно е помал доколку трансфузија не се прими.“ (Курзивот е од нас.) Кој е заклучокот на лекарот? Ситуации во медицината во кои се појавува ризик има помалку кога не се прима трансфузија отколку кога се прима.
Затоа, Киченс поставува разумно прашање: „Со тоа што Јеховините сведоци не примале трансфузија, а како резултат на тоа помалку се јавувал акутен морбидитет и морталитет и со тоа се избегнати значителни дополнителни трошоци, како и долготрајни компликации, дали тогаш останатите пациенти би требало да примаат трансфузија?“
Одбивањето на трансфузија на крв на темел на вакви докази значи дека таквите кои тоа го прават исто така постапуваат во согласност со упатствата на нашиот Творец.