‚Знак од небото‘
ЕДНА стара рима за времето гласи: „Црвено небо навечер — морнарот е весел, / црвено небо сабајле, за морнарот — гајле“. Денес се употребуваат сателити, компјутерски засилените проучувања на температурите, Доплер-радари и други научни средства за да се предвиди времето. Предвидувањата честопати се во склад со штотуку цитираната рима.
Религиозните непријатели на Исус Христос еднаш од него барале „знак од небото“ (NW), некаков необичен знак кој ќе докаже дека тој е Месијата. „Навечер велите: ќе биде ведро,“ — рекол Исус — „оти небото е црвено; а наутро: денес ќе има невреме, зашто небото е матно. Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете? Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона“ (Матеј 16:1-4).
Исусовите непријатели можеле да го предвидат времето, но не умееле да ги сфатат духовните работи. На пример, што е со ‚знакот на Јона‘? Откако поминал околу три дена во мевот на една голема риба, Божјиот пророк Јона проповедал во Ниневија и поради тоа станал знак за тој главен град на Асирија. Исусовата генерација го имала ‚знакот на Јона‘ кога Христос поминал скоро три дена в гроб и бил воскреснат. Неговите ученици го објавиле доказот за тој настан и затоа Исус бил знак за таа генерација (Матеј 12:39-41).
Во една друга прилика, Исусовите ученици го запрашале за „знакот“ на неговата идна „присутност“ (NW) во сила на Царството. Како одговор на тоа, тој дал комбиниран знак составен од различни делови, вклучувајќи беспримерни војни, големи земјотреси, оскудица на храна и дека по целиот свет ќе се проповеда за Божјето воспоставено небесно Царство (Матеј 24:3-14).
Дали го препознаваш знакот на Христовата присутност како невидлив небесен Цар? Неговите детали се исполнуваат врз оваа генерација (Матеј 24:34). А што е со иднината? Библијата не само што открива дека крајот на овој систем на ствари е близу туку претскажува и дека е близу Божјиот ветен нов ден кој јасно ќе зазори и светне за човештвото (2. Петрово 3:13).