Зошто да ‚одиме кај мравката‘?
МУДРИОТ Цар Соломон на древниот Израел го дал следниов совет: „Оди кај мравката“. Зошто го рекол тоа? Што можеме ние да научиме од мравките?
Соломон додал: „Види ја нејзината работа и биди мудар. Таа нема нити началник, ни настојник, ниту заповедник; но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја“ (Соломонови изреки 6:6-8). Овие дамнешни зборови ги изразуваат вистините кои се откриени од денешните природонаучници.
Пословичарот Агур укажувал дека мравките се „мудри по инстинкт“ (Соломонови изреки 30:24, 25, NW). Се разбира, нивната мудрост не е резултат на интелигентно размислување, туку последица на инстинкт со кој Творецот ги надарил. На пример, со инстинктот мравките ја собираат својата храна во вистинското време.
Мравките се организирани на чудесен начин. Забележително кооперативни и внимателни кон своите соработници, тие им помагаат на повредените или истоштени мравки и ги враќаат во гнездото. Инстиктивно се подготвуваат за иднината и прават сѐ што е можно за да ги исполнат своите задачи.
Природата на мравката укажува дека луѓето би требало однапред да си планираат и да бидат марливи работници. Тоа се однесува на училиштето, работата и духовните активности. Како што мравката има корист од својата марливост, така Бог сака и луѓето ‚да го гледаат доброто во секој свој труд‘ (Проповедник 3:13, 22; 5:18). Слично на работливите мравки, и вистинските христијани секој ден добро работат. Тие ‚прават сѐ, што може да врши раката нивна‘, не затоа што ги надгледува нивниот работодавач, туку поради чесноста и затоа што сакаат да бидат вредни, корисни работници (Проповедник 9:10; спореди Соломонови изреки 6:9-11; види исто така и Тит 2:9, 10).
Навистина ќе бидеме среќни ако ‚одиме кај мравката‘ и го примениме тоа што ќе го научиме од неа. А ќе доживееме најголема радост ако марливо ја извршуваме волјата на Јехова Бог, на начин како што е таа откриена во Библијата.