Изгледот може да мами
„НЕМА уверлив изглед“ — рекол ирскиот драматичар Ричард Шеридан. Тоа важи и за дрвјата и за луѓето.
Еден ден, кон крајот на март во 33. г. н. е., додека одел со своите ученици од Витанија кон Ерусалим Исус Христос видел едно смоквино дрво. Дрвото било полно со лисја, но одблиску можело да се види дека немало никаков плод. Затоа Исус му рекол: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ (Марко 11:12-14).
Зошто Исус го проколнал тоа дрво бидејќи, како што објаснува Марко, „уште не беше времето за смокви“? (Марко 11:13). Па, кога смоквата ќе пушти лисја, нормално е да роди и рани смокви. За една смоква било невообичаено да има лисја во тоа време од годината. Но, бидејќи имала лисја, Исус со право очекувал да најде и смокви на неа. (Види ја горната фотографија.) Фактот дека дрвото родило само лисја значел дека ќе биде неплодно. Изгледот на дрвото измамил. Бидејќи родните дрвја биле оданочувани, едно неплодно дрво претставувало економски товар и требало да биде отсечено.
Исус го употребил неплодното смоквино дрво за да ја илустрира животоважната лекција во поглед на верата. Следниот ден, неговите ученици биле изненадени кога виделе дека дрвото веќе се исушило. Исус објаснил: „Имајте вера во Бога. . . . сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете: и ќе ви биде“ (Марко 11:22-24). Освен тоа, за да ја илустрира потребата од молење со вера, исушеното смоквино дрво сликовито покажало што ќе ѝ се случи на нацијата на која ѝ недостига вера.
Неколку месеци пред тоа, Исус ја споредил еврејската нација со смоквино дрво кое било неплодно три години и кое требало да се отсече кога би останало неродно (Лука 13:6-9). Со тоа што го проколнал смоквиното дрво само четири дена пред својата смрт, Исус покажал како еврејската нација не родила плодови кои доликуваат на покајание и затоа ја очекувало уништување. Иако таа нација — слично на смоквиното дрво — однадвор изгледала здрава, поблиското испитување откривало недостиг на вера кој достигнал врв со тоа што го отфрлила Месијата (Лука 3:8, 9).
Во својата Проповед на гората, Исус предупредил на „лажните пророци“, велејќи: „По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете“ (Матеј 7:15-20). Овие Исусови зборови и извештајот за проколнатото смоквино дрво јасно покажуваат дека треба да бидеме претпазливи во духовен поглед, бидејќи и религиозниот надворешен изглед може да измами.