‚Небесата објавуваат . . .‘
На приближно 150 милиони километри од местото кадешто си токму сега, Сонцето свети од небото со силна блескавост. Илјадници години било обожавано како бог, но, наместо тоа, нашиот небесен сосед претставува сведоштво за силата на неговиот Творец, ‚Кој ги создал небото и земјата‘ (Псалми 113:23). Неговата сјајност и топлина се пресудни за животот на Земјата. А фактите коишто научниците ги откриле за него, нѐ исполнуваат со восхит.
Се вели дека Сонцето создава огромни количини енергија. Дали си свесен дека Земјата задржува помалку од половина милијардит дел од топлината и светлината коишто тоа ги произведува? Сепак, тоа делче достигнува гигантски 240 билиони коњски сили!
Како Сонцето ја создава сета таа енергија? Со помош на огромна нуклеарна печка во неговото јадро која произведува енергија, трошејќи околу 3,6 милиони метрички тони хидроген во секунда. За среќа на човештвото, во Сонцето има доволно гориво за овој процес да го одржува милијарди години.
Некои работи коишто научниците ги откриле, наметнуваат натамошни прашања. На пример, Сонцето постојано вибрира, како кога удираш со чекан по метален лист. Зошто? Исто така, размисли за следново: Распламтеното сончево јадро е неговиот најтопол дел, и колку што слојот е подалеку од јадрото, толку е поладен. Но, кога ќе се дојде до надворешниот слој од Сончевата атмосфера, короната, тоа се менува. Короната е потопла отколку слоевите што се најблиску до разгореното јадро. Зошто е така?
Понатаму, додека Сонцето ротира — слично на Земјата — различни делови ротираат со различни брзини. На пример, површината ротира побрзо отколку внатрешните слоеви. Зошто? И како е можно тоа? Потоа, постојат Сончеви дамки. Овие дамки на Сончевата површина се појавуваат и исчезнуваат во редовен циклус, во период од 11 години. Зошто се менуваат така редовно?
Иако има уште многу што може да се учи за Сонцето, она што веќе го знаеме нѐ тера да гледаме со стравопочит на неговиот Творец, Јехова. Секојпат кога ќе погледнеме во Сонцето, се потсетуваме дека „небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески“ (Псалми 18:1).