Го знаеле Божјето име
ПРВОТО литературно дело за кое е познато дека било пишувано и издадено во англиските колонии во Америка, била Заливска книга со Псалми (Bay Psalm Book). Нејзиното првобитно издание го печател Стивен Деј во Заливска колонија Масачусетс во текот на 1640 година. Таа дамнешна публикација ја содржи библиската книга Псалми, преведена од хебрејски на англискиот јазик којшто се говорел и пишувал во тоа време.
Значајно обележје на Заливската книга со Псалми е употребата на божественото име во некои стихови. Затоа, секој што го читал ова издание пред околу 350 години, бил во можност да го знае името на нашиот Творец. Во тоа издание, на пример, Псалми 83:17, 18 гласи: „Нека секогаш бидат посрамени, и ужасно збркани: да, нека бидат усрамени, и затрени. За да знаат; дека ти, чиешто име е само ЈЕХОВА, си над целата земја сосема истакнат, највишиот“.
Секако, највишиот Бог бара повеќе отколку само да признаваме дека неговото име е Јехова. Во Заливската книга со Псалми, Псалми 1:1, 2 велат дека „благословен човек“ не оди на советот на злобните, „туку радосно копнее по законот Јеховин“. Ревидираните Псалми од Нова Англија од 1648 гласат: „Туку во законот Јеховин е сета негова радост“.
На ова место современиот Нов свет превод на Светото писмо (New World Translation of the Holy Scriptures), гласи: „Среќен е човекот кој не одел на советот на злобните, и на патот на грешниците не стапил, и на седиштето на потсмевачите не седел. Туку наоѓа радост во законот Јеховин и со пригушен глас чита ден и ноќ“.
За навистина да биде среќен, човек мора да го отфрли советот на злобните. Не смее да го следи примерот на грешниците и не може да им се придружува на безбожните потсмевачи. Меѓу другото, треба да го избегнува друштвото на оние чиј совет и однесување би можеле да го намамат на сексуален неморал, злоупотреба на дрога и други активности што се спротивни на Божјиот закон. Да, искрената среќа зависи од учењето за вистинскиот Бог чие име е Јехова, и од применувањето на неговиот закон онака како што е откриен во Библијата.