Жетвата на еден вистински евангелист
ВИЛИЈАМ Р. БРАУН за првпат дојде во Африка во 1923 година. Со својата сопруга и детето, тој го вршеше ‚делото достојно на евангелист‘ во Гамбија, Гана, Либерија, Нигерија и Сиера Леоне (2. Тимотеј 4:5). Плодот од неговото дело е извонреден.
Овој домородец од Западна Индија не беше член на некоја од црквите на т. н. христијанство и сигурно не се мешаше во политика. Наместо тоа, го имитираше Исус и апостолите така што го објавуваше Јеховиното име и суверенитет, нагласувајќи ја важноста на откупнината и проповедајќи ја добрата вест за Царството (Матеј 9:35; 20:28; Јован 17:4-6). Вилијам Р. Браун постојано ја употребуваше Библијата, укажувајќи на неа како на краен авторитет за работи во врска со науките и верата (2. Тимотеј 3:16). Беше толку упорен во тоа, што беше познат како Библија Браун.
Со Јеховин благослов, семето што го посеа Библија Браун никна и порасна. Денес, во земјите кадешто тој предводеше со својот пример, скоро 200.000 Африканци му го посветиле животот на својот Творец, и за возврат, им ја проповедаат добрата вест за Царството на други (Матеј 24:14; 1. Коринтјаните 3:6-9). Овие активни христијани ширум светот се познати по својата чесност и доверливост. Горди се што се Сведоци на Јехова и поданици на Исус Христос, владејачкиот Цар.
Таквата жетва е резултат на евангелизацијата на вистинското христијанство. Слична жетва се жнее по целиот свет, на секој населен континент. Во преку 200 земји, ‚ожнеани‘ се над четири милиони мажи и жени со кротко срце, кои на другите им ги кажуваат зборовите на ангелот што го проповеда евангелието: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (Откровение 14:7). Всушност, единствениот начин да се најде надеж во нашиов немирен век е да се свртиме кон Бог и да ѝ се подложиме на владата на неговото Царство.