Од историска болница до беспримерна Царска сала
ВО 1770, славниот англиски откривач, поручник Џејмс Кук, пловел со 369-тонскиот едреник Ендевор долж неистражениот источен брег на Австралија. Вечерта на 11. јуни, бродот заринкал во корален гребен, во зафрленото подрачје кон северот на континентот. Дрвениот труп бил сериозно оштетен. Итно биле потребни поравки, доколку сакале посадата да преживее. Устието на блиската река се покажало како идеално место за поправањето што им одзело шест седмици. Сто и три години подоцна, во овој регион било откриено злато. Започнала златна треска! Десетици илјади доаѓале да си ја побараат среќата. Така се родил Куктаун.
Во 1879, била издадена владина дозвола за изградба на постојана болница која ќе се грижи за болните и за повредените во руднички несреќи. Истата година, на другата страна на светот, 1. јули излегло првото издание на Сионска Стражарска кула. Оттогаш па наваму, ова списание пружа програма за духовно лечење на милиони богобојазливи луѓе. Тогаш не било познато дека зградата на Куктаунската болница еден ден ќе биде тесно поврзана со ова списание.
По повеќе од еден век, болницата во Куктаун требало да се премести. За новата градба стоеле на располагање владини фондови, па затоа бил распишан конкурс за преместување на старата болничка зграда. Историското друштво кое ги штити архитектонските богатства на Квинсленд, покажало голем интерес за оваа историска зграда. Меѓутоа, цената за преместување и реконструкција на зградата се покажала премногу висока. Не била предадена ниту една понуда.
Скоро во исто време, малото собрание на Јеховини сведоци во Куктаун барало постојано место кај што ќе одржуваат христијански состаноци. Не поседувале земјиште и имале само 800 австралиски долари. Како би можеле да изградат Царска сала? Претставници на месното собрание доброволно ја преселиле болничката зграда, и тоа бесплатно. Како Јехова ќе ги управува работите? Пристигнува возбудлива вест! Нивната понуда била прифатена!
А сега, следниот чекор — земјиште за зградата. Да, им рекле, изгледа дека владино земјиште може бесплатно да се стави на располагање, што овозможило зградата да биде зачувана и обновена. Меѓутоа, од тој момент во еден непријателски дел од општината почнале да растат противења на предложениот проект. Била подготвена петиција која требало да ги запре плановите на Сведоците. Кружеле гласови дека Јеховините сведоци ќе го преземат Куктаун, ќе ги затворат сите хотели и коцкарници и ќе ја забранат продажбата на тутун. Секако, ова никогаш не се случило, но добивањето на друго земјиште и на неопходните градежни дозволи станувало сѐ потешко. Рокот за преместување на зградата брзо истекувал. Побарале интервенција од Државната влада на Квинсленд. (Спореди Римјаните 13:2.) Брзо била издадена дозвола за користење на владино земјиште и била издадена градежна дозвола. Откако добиле в раце и земјиште и зграда, што понатаму?
Дошла екипа од стотици Сведоци, искусни занаетчии и помошници од различни делови на државата Квинсленд, кои доброволно и бесплатно го понудиле своето време и кои развиле вештина во мошне брза изградба на Царски сали. Овој проект претставувал посебен предизвик: да се преселат делови од двоспратната болница на ново место, а потоа повторно да се состави зградата. Монсунската сезона брзо се приближувала и се заканувала со поројни дождови. Ќе се заврши ли работата навреме? Некои од граѓаните се сомневале. Меѓутоа, она што изгледало невозможно, наскоро било остварено. Во април 1986, зградата била преместена, а потоа реставрирана во нејзиниот првобитен сјај.
Сите овие активности не поминале незабележено, како што се гледа од коментарите на куктаунскиот весник Anglican Newsletter. Делумно во него стои: „Без сомнение, ќе се изложам на критика, но . . . погледнете околу Црквата и ќе видите колку е празна, а погледнете ја другата група [Јеховините сведоци] и видете колку се посетени нејзините собири . . . собири полни со англиканци и римокатолици . . . Дали знаете дека таа организација . . . ја доби старата болница за повторно да ја изгради во она што може да се нарече црковна зграда, бидејќи училиштето е премногу мало да ги собере сите? . . . Како сме можеле да бидеме толку слаби и да дозволиме тоа да се случи.“
Секоја година, илјадници туристи го посетуваат Куктаун. Доаѓаат да уживаат во прекрасниот амбиент на тропската дождовна шума и во Големиот корален гребен, и да научат за историјата на подрачјето. Музејот Капетан Кук е популарна атракција за повеќето посетители. Од 1989, историската Куктаунска болница, во нејзината нова улога како Царска сала на Јеховините сведоци, исто така стана главна туристичка атракција. Продавниците за сувенири продаваат кујнски крпи и маици кои имаат на себе отпечатено слика на Куктаунската болница — Царска сала. За време на туристичката сезона, секоја седмица шестотини до илјада луѓе ја посетуваат зградата за одблизу да ја видат единствената архитектура од 1879.
Списанието кое сега е познато како Стражарска кула, слободно им стои на располагање на посетителите. Од 1879, тиражот на ова списание порасна на преку 15 милиони примероци полумесечно, на 111 јазици. Тоа ги упатува поединците на библиското ветување дека некои од генерацијата од 1914 ќе доживеат да го видат доброто физичко и духовно здравје на обновеното човештво (Исаија 33:24). Милиони спремни доброволци ќе ја претворат целата Земја во рај (Псалми 36[37]:29). Зошто не би ја посетил Царската сала во твојата близина? Ќе најдеш нешто што е од далку поголема вредност отколку сето злато кое некогаш е ископано во областа на Куктаун (Соломонови изреки 16:16).