Тие дојдоа и покрај неудобноста и опасноста
ДАТУМ: 2. јануари 1992. Место: Макике, провинција Ињамбане. Ноќните африкански звуци на Мозамбик беа остро прекинати кога беше вклучено едно радио. „Јеховините сведоци го одржуваат својот конгрес ‚Љубители на слободата‘ во нашата провинција“, објави емисијата. „Нивна цел е да ги поучат луѓето како може да се најде вистинска слобода во денешниот свет. Сите се добредојдени да присуствуваат.“
Во тој далечен крај на Африка се случи историски настан! За првпат се одржуваше обласен конгрес на Јеховините сведоци, а му се радуваа 1.024 лица. Само пред неколку години во Мозамбик никако не би можело така отворено да се случи таков настан затоа што делото на Јеховините сведоци тогаш беше забрането. Дали би сакал да слушнеш за смелите жртви што беа направени за да се присуствува на овој конгрес?
Провинцијата Ињамбане, како и многу други делови од Африка, е мошне прекрасна. Рибарски бротчиња слични на едрилици со триаголни едра, пловат по морето долж брегот. Кокосовите палми се богати со род. Но во околината демне едно грозно сениште: граѓанска војна!
За оние кои спијат во колибите од палмови лисја не е необично во раните утрински часови да бидат разбудени од мрачното бум-бум-бум од тешката артилерија во блиските села додека во ноќта беснее војната во шумските предели. Многу често оние кои страдаат се невините граѓани. Понекогаш можат да се видат сакати деца со унаказени раце или нозе или без нив. Дури и некои од Јеховините сведоци по лицето или телото носат лузни од бруталностите што ги претрпеле.
Под вакви околности конгресот „Љубители на слободата“ многу го ценеа сите коишто присуствуваа. И покрај можноста од заседи на патот до конгресот, многу семејства од селските подрачја беа одлучни да дојдат. Одењето таму не беше ниту удобно, бидејќи јавниот превоз најчесто се врши со големи, отворени камиони. Понекогаш и до 400 патници се стискаат на еден камион! Голем број од овие камиони се постројуваат и формираат конвои кои ги следи вооружена воена придружба.
Нора и нејзините три ќерки од една, три и шест години, беа едно од семејствата кои ги ризикуваа своите животи патувајќи на овој начин. Таа однапред штедела со месеци за да го плати патувањето. Фактот дека на конгресот немаше обезбедено сместувања, не ја спречи. Заедно со многу други, Нора и нејзиното семејство едноставно готвеа, јадеа и спиеја под ведро небо на самото конгресно место.
Дури ни ужасната тропска жега по која следуваа обилни поројни дождови, не можеше да ја намали незадржаната радост на браќата кои заедно уживаа во духовната гозба. Тие чувствуваа дека ништо не им е поважно отколку да бидат на конгресот. Вкупно 17 лица го симболизираа своето предание во топлите води на Индискиот Океан. Додека се одигруваше крштевањето, огромно мноштво од радосни набљудувачи спонтано беше поттикнато да пее фалби на Јехова.
Оваа група обожаватели навистина откри што значи да се стане љубител на божествената слобода. Ханс, претставник од главниот град, Мапуто, рече: „Штотуку го видовме почетокот на едно ново поглавје во делото на Јеховините сведоци во овој дел на Африка.“