Религија на ‚приспособлива вера‘
„Способноста на мормонизмот да стекне потпора и кај либералните демократии и кај тоталитаристичките општества, претставува чудо.“ Така забележа The Wall Street Journal кога унгарската влада законски ја призна Мормонската црква на Исус Христос. Како црквата го постигнува тоа? „Клучот“, според Journal-от, „едноставно не се мормонските високи стапки на раѓање или агресивното ширење на нивното евангелие, туку приспособливоста која е вградена во верата“. Како тоа?
Зборувајќи за периодот пред неодамнешните политички промени во Источна Европа, Journal-от вели: „Користејќи музички и фолклорни групи од Brigham Young University, Мормоните успеале да ја заобиколат репресијата и несоработката со која нормално се соочуваат мисионерите во повеќето комунистички земји“. Нивните трупи отишле во Романија, Чешкословачка, Унгарија, Полска, Русија, како и во Саудиска Арабија, Либија, Египет, Јордан, Сомалија и Израел. Освен тоа, „Мормонската црква го употребила своето богатство како лост за да стекне право да влезе во марксистичките и земјите на Третиот свет“. Меѓу проектите кои се поддржуваат со мормонски донации се изградби на насипи и длабинско дупчење.
Во денешниов свет кој е љубител на задоволства и алчен за пари, не изненадува што таквите песни и игри и тактики на „одврзано ќесе“ имаат силен одзив (2. Тимотеј 3:2, 4). Но поединците кои се навистина слични на овци, се привлечени од гласот на Добриот Пастир, Исус Христос (Јован 10:27). Токму затоа, кога им заповедал на своите следбеници „правете ученици од луѓето од сите народи“, тој не им рекол да го прават тоа со кое и да е средство или по која и да е цена, туку да ги ‚учат да држат сѐ што им заповедал‘ (Матеј 28:19, 20, NW). Во извршувањето на оваа заповед нема место за компромитирање на библиските мерила.