Мисија на помош за Украина
ТМУРНИТЕ извештаи повторно ги доминират во средствата за информирање. Економскиот хаос, недостатокот на храна и гладот ја демнат Земјата — овој пат на територијата на поранешниот Советски Сојуз. Водечкото тело на Јеховини сведоци неодамна ја замоли подружницата на Друштвото Стражарска кула во Данска да организира помош за Сведоците во Украина кои беа во неволја. Што направија данските браќа?
Веднаш се фатија за работа! Подружницата веднаш испрати браќа да ги пребараат големите маркети и да купат најдобра храна. Се рашири глас до сите собранија на Јеховиниот народ во Данска, така што беа известени за потребата. Подружницата известува: „Сите собранија беа повеќе од спремни да дадат прилози. Конечно, бевме во можност да дадеме вистински доказ на сочувство што го имавме спрема оние кои страдаат“. Пет камиона заедно со две комбиња и 14 доброволни возачи се пријавија во данската подружница во саботата, 7 декември 1991. Работниците на подружницата ги натоварија камионите со купените прехранбени производи.
Во понеделникот на 9 декември напладне, конвојот тргна на долгиот пат низ Европа кон Украина. „Трогателна беше глетката кога целата бетелска фамилија се собра да ги испрати“, пишува подружницата. „Знаејќи дека многу мисии за помош биле жртви на напади, целиот пат ги следевме нашите браќа со многу молитви“.
На 18 декември неизвесноста заврши. Данската подружница доби вест дека конвојот безбедно пристигнал во Лавов, Украина. Браќата во Украина ја добиле помошта. Колку им олесна кога растоварија 1.100 семејни пакети од по 20 килограми — секој со месо, брашно, ориз, шеќер и други основни производи! Сѐ на сѐ, конвојот превезе околу 22 тони производи. Данската подружница пишува: „Нашата радост е голема додека му благодариме на Јехова за неговата заштита и за тоа што ни ја даде оваа прилика да пружиме рака за помош.“
Се планира исто и пратка со облека. Подружницата известува дека и во тој поглед, „реакцијата на собранијата била огромна“. Јехова навистина ‚го збогатува својот народ за секаква дарежливост‘ (2. Коринтјаните 9:11). А тие пак, длабоко ја чувствуваат радоста која доаѓа од тоа што дарежливо да им даваат на своите браќа и сестри. Љубовта која со тоа ја покажуваат е знак за препознавање на Исусовите следбеници (Јован 13:35). Таквата љубов е многу ретка во овој сиромашен свет.