Прашања од читателите
◼ Што треба да прави христијанското семејство ако нивното дете мора да посетува училиште каде верската настава е задолжителна?
Христијанските родители не сакаат нивните деца да бидат поучувани за лажната религија. Но можат да постојат ситуации кога децата не можат да одбијат да бидат во одделение каде се поучува за религија, иако тие нема да учествуваат во лажните религиозни постапки или церемонии.
Божјиот пријател Авраам оставил добар пример во поглед на религиозната поука на децата. Тој подигнал потомство во Ханан, кадешто биле опкружени со религиозни заблуди и гнасни „свети“ обичаи. (Спореди 2. Мојсеева 34:11-15; 3. Мојсеева 18:21-30; 5. Мојсеева 7:1-5, 25, 26; 18:9-14.) И покрај тоа, тој бил изворот на религиозна поука за своето семејство. Бог бил уверен дека Авраам ќе ‚им заповеда на своите синови, и на своите домашни после себе, да го држат патот Јеховин, за да вршат праведност‘ (1. Мојсеева 18:19, NW).
Како младинец, Исус исто така извлекол корист од семејната и собраниската поука за вистинското обожавање. Така, тој ‚напредувал во мудроста и во растот и во милоста пред Бог и пред луѓето‘ (Лука 2:52, Бакотиќ).
Во повеќето делови од Земјата, младите христијани добиваат световно образование во државните училишта. Не е секое учење во потполна согласност со библиската вистина и утврдените факти. На пример, многу генерации христијански младинци посетувале часови по наука или биологија како дел од нивната нормална наставна програма. Повеќето од нив на тој начин биле изложени на раширената теорија на еволуцијата и сродни гледишта во врска со „природното“ потекло на животот на Земјата.
Меѓутоа, оваа изложеност сепак не ги направила овие млади христијани да станат приврзаници на безбожната еволуција. Зошто? Затоа што дома и на христијанските состаноци претходно добиле точни информации темелени на Божјата инспирирана Реч, што им помогнало да ја оспособат својата ‚моќ на забележување за да го разликуваат исправното од погрешното‘ (Хебреите 5:14, NW). Многу родители со своите деца го проучувале урамнотежениот материјал за еволуцијата од книгата која ја зајакнува верата, под наслов Život — Kako je nastao? Evolucijom ili stvaranjem?a Така опремени, овие ученици не ја прифатиле како веродостојна школската поука за еволуцијата. Сепак, во текот на наставата и на тестовите можеле да дадат одговор дека внимавале и дека можеле да ги научат поединостите кои биле изнесени. Некои дури имале и прилика да дадат алтернативно објаснување во склад со фактите што ги прикажал човековиот Творец во Библијата (1. Петрово 3:15).
Сепак, како е со часовите што ѝ се посветени на наставата во врска со месната религија која преовладува или пак со религијата воопшто?
Не е веројатно дека таквата настава ќе биде презентирана неутрално, како обична информација. Учителот можеби дури се бави со таа религија, и така се обидува да влијае на умот и срцата на учениците. Затоа Јеховините сведоци повеќе сакаат нивните деца да бидат ослободени од часовите по религија. Тоа може да им овозможи на нивните деца покорисно да го употребат времето на училиште за да ги подготват задачите по другите предмети или да учат во училишната библиотека.
Меѓутоа, на некои места таквите барања се одбиени; училишните или јавните власти можеби дури ќе бараат сите деца да посетуваат и завршат верска настава за да добијат оценки. Секое семејство мора самото да одлучи што ќе стори во тој случај.
Некои Божји слуги во минатото против своја волја биле вклучени во ситуации кога морале да издржат изложеност на религиозни учења или постапки, останувајќи му лојални на вистинскиот Бог. Така било веројатно со Мојсеј. Тој бил воспитуван како внук на египетскиот фараон, и ‚бил поучен во целата мудрост египетска‘ (Дјела апостолска 7:20-22, Ст). Тоа можеби до извесен степен ги вклучувало верувањата и религиозните обичаи кои биле вообичаени во Египет. Но Мојсеј бил заштитен со надмоќната поука која очигледно ја добил од своето семејство и можеби од другите Евреи (2. Мојсеева 2:6-15; Евреите 11:23-26).
Земи го превид и примерот на тројцата млади Евреи, другари на Даниел, кои добиле посебна поука во Вавилон и кои станале владини службеници (Даниел 1:6, 7). Немале слобода да го прифатат или да го одбијат она ним што им се допаѓало. Во една прилика царот Навуходоносор наредил заедно со другите службеници да дојдат кај златниот лик што го поставил во рамницата Деир, кадешто требало да се извршат постапки на национална оддаденост. Како реагирале тројцата Евреи? Можеме да бидеме сигурни дека тие не би сакале да бидат таму, но тоа било невозможно.b Сепак тие им останале верни на своите верувања и на Семоќниот Бог. Нивната побожна совест им допуштила да бидат присутни додека одлучно одбиле да учествуваат или лично да се ангажираат во каков и да е чин на лажна религија (Даниел 3:1-18).
Кога е задолжително за сите ученици да присуствуваат на часови по религија, веројатно за да бидат подготвувани за полагање на стандардни тестови, децата од семејства на вистински христијани можат да присуствуваат, како што било со тројцата по наредба на Навуходоносор. Но младите христијани ќе го стават Бог на прво место. Нема потреба да приговараат на секоја неисправна изјава што ќе биде дадена, или на секоја небиблиска постапка во која учествуваат другите, исто како што и тројцата Евреи не се обидувале да пречат кога другите се клањале пред златниот лик. Меѓутоа, младите христијани нема да учествуваат во постапките на обожавање, во заедничките молитви, религиозните песни и слични работи.
Овие млади мораат да се напрегаат во други прилики да примаат изградувачко спознание ‚од Светите писанија, што можат да ги направат мудри за спасение преку верата во Христа Исуса‘ (2. Тимотеј 3:15). Преку комуникација со своите деца, родителите треба постојано да ја контролираат содржината на наставата на часовите. Тоа ќе им помогне на возрасните христијани да видат што треба да се поправи или разјасни од Библијата за да нивните деца не бидат збркани или заведени.
[Фусноти]
a Издадена од Друштвото Стражарска кула, Библии и трактати од Њујорк.
b Библијата не спомнува дека Даниел бил на рамницата Деир. Можеби неговата висока положба во владата му овозможила да биде ослободен од тоа.