Било подоцна отколку што мислеле тие!
ГОДИНА: 609. пр. н. е. Место: Ерусалим. Говорник: пророкот Еремија. Тој претскажал уништување за својот сакан свет град, Ерусалим, уништување кое претстоело бидејќи Евреите му го свртеле грбот на Јехова и се впуштиле во обожавање на лажни богови. Учествувале во развратно сексуално обожавање на високите места, им принесувале жртвени пијалоци на паганските богови, ги обожавале сонцето, месечината и ѕвездите, му гореле темјан на Вал и ги жртвувале своите деца на Молох (1. Царевите 14:23, 24, NW; Еремија 6:15; 7:31; 8:2; 32:29, 34, 35; Книга пророк Језекиил 8:7-17).
Во нивните очи Еремија бил злокобен гласник на несреќа, фанатик, незадоволник против сѐ и секого. Еремија ги предупредувал 38 години; жителите на Ерусалим му се потсмевале 38 години. До тоа време народот го отфрлувал Јехова, велејќи дека тој не е сила за која требало да бидат заинтересирани. Рекле: ’Јехова нема да прави добро, и тој нема да прави лошо‘, и: ’Јехова ја оставил земјата, и Јехова не гледа‘ (Софонија 1:12; Езекиел 9:9, NW).
Пророците Еремија и Езекиел проповедале за уништувањето на Ерусалим, но ништо не се случило. Израелците исклучиле секаква можност таквите визии да бидат исполнети во нивното време и велеле: ”Деновите се продолжија, и секоја визија пропаднала.“ Но, Јеховиниот одговор на тоа бил: ”Деновите се приближиле (. . .) Зашто, јас, Јехова, ќе зборувам и зборот што ќе го кажам ќе биде извршен. Повеќе нема да има одложување, зашто во ваши денови, о доме бунтовен, јас ќе кажам збор и сигурно ќе го исполнам тоа“ (Езекиел 12:22-25, NW).
Во 609. пр. н. е., за Јехова дошло време да го исполни својот даден збор. Речиси четири децении откако Еремија го разгласувал предупредувањето, градот Ерусалим го освоиле вавилонски војски. Осумнаесет месеци подоцна, ѕидовите биле разрушени, храмот изгорен а поголем дел од народот однесен во заточеништво во Вавилон. Како што било претскажано, градот бил уништен со меч, глад и чума (2. Царевите 25:7-17; 2. Дневници 36:17-20; Еремија 32:36; 52:12-20).
Еремија бил во право. Народот не бил во право. Било подоцна отколку што мислеле тие! Визијата не се однесувала на некое време кое со години било далеку пред нив. Таа се однесувала на нивното време.
Ова не е само историја. Тоа што му се случило на Ерусалим било пророчки. Предочувало нешто што требало да дојде. Таканареченето христијанство во денешното време го зема името на Христос и тврди дека е во сојузен однос со Бог; сепак, оди по стапките на жителите од Ерусалим од старо време. Обично, црквите на христијанството учат пагански доктрини, заразени се со сексуален неморал, ги поткрепуваат политичките интриги, ги поддржуваат војните на светот, ја прифаќаат еволуцијата и го негираат Бог како Творец, ги затвораат очите пред жртвата од милионите неродени на олтарот на угодноста, и во основа присвојуваат човечка филозофија, тврдејќи дека Библијата е мит и легенда.
Како што луѓето од Ерусалим го исмејувале Еремија, т. н. христијанство денес ги исмејува Јеховините сведоци. Предупредувањето на Сведоците за претстоечкото уништување во Армагедон се отфрлува како безвредно. ’Бог не е заинтересиран за Земјата‘, вели т. н. христијанство. ’Тој нека се грижи за небото; ние ќе се грижиме за земјата. И ако дојде Армагедон, тоа нема да биде во нашата генерација. Сме ја слушнале таа приказна и порано. Нема да бидеме изненадени со тоа!‘
Дали тоа ќе биде повторување на историјата? Дали ќе се случи уште еднаш милиони да откријат дека било подоцна отколку што мислеле?