Како да ја разбереме Библијата
„Од каде знаете дека баш вашето толкување на Библијата е исправно? Секој може да си ја толкува како што сака!“
Дали ти се познати овие зборови? Си знаел ли дека можеш да ја испиташ Библијата така што ќе оставиш самата да се толкува себеси? Клучот е: Ако од околните стихови не е јасно значењето на одредена изјава, спореди ја таа изјава со други стихови од Библијата кои се однесуваат на истата тема. Така ќе дозволиме Библијата, а не нечие лично гледиште, да влијае врз нашите мисли.
На пример, размисли за библиското учење во врска со состојбата на мртвите. Подолу се наведени шест пасуси земени од различни делови од Библијата. Забележи како кога ќе се спојат, даваат една јасна слика.
„Мртвите не Го фалат Господа, никој од оние, што слегоа во тишина“ (Псалм 115:17).a
„Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение! Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли“ (Псалм 146:3, 4).
„Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо“ (Проповедник 9:5).
„Подземјето не Те слави, смртта не Те фали... Живиот, живиот, единствено тој Те слави, како јас денес“ (Исаија 38:18, 19).
„Оној кој ќе згреши, тој ќе умре“ (Езекиел 18:4).
Кратко по смртта на својот пријател Лазар, Исус рекол: „,Нашиот пријател Лазар заспа; туку, одам да го разбудам‘. Тогаш учениците Му рекоа: ‚Господи, ако заспал, ќе оздрави‘... Тогаш Исус им рече јасно: ‚Лазар умре‘“ (Јован 11:11-14).
Гледаш ли на што укажуваат сите овие стихови? Да, спротивно на популарните верувања, Библијата вели дека мртвите се навистина мртви. Тие не живеат на небото или на некое друго место, туку се во длабок сон и не се свесни за ништо. Затоа, не можат да го слават Бог, па ниту да размислуваат.b
Заклучок: Кога ја проучуваме Библијата тема по тема, нејзините основни учења ни стануваат јасни. Се разбира, овој пристап што Јеховините сведоци го користат бара труд (Изреки 2:1-5). Но, тоа е случај и со многу други работи кои имаат вистинска вредност.
a Стиховите се земени од Преводот на д-р Д. Х. Константинов.
b Библијата учи дека мртвите кои се во Божјето сеќавање ќе се ‚разбудат‘ или ќе воскреснат во времето што го одредил Бог во иднина. (Види и Јов 14:14, 15; Јован 5:28, 29; Дела 24:15.)