Со својата љубопитност влегол во историјата
● По што би сакал да бидеш запаметен? На што помислуваат другите кога ќе се сетат на тебе? Од желба да остават нешто зад себе, многумина се водат од стремежот да се истакнат на полето на науката, политиката, спортот и уметноста. Но, што би рекол за некој што останал запаметен по прашањата што ги поставувал?
Пред 500 години, еден човек од Средна Америка поставил многу интересни прашања. Тоа бил поглавицата Никарао, од каде најверојатно доаѓа називот „Никарагва“. Името на Никарао станало име и на неговото племе, на земјата во која живеел и на тамошното големо езеро.
Племето на Никарао живеело на едно парче земја помеѓу Тихиот Океан и огромното езеро Никарагва. Кратко откако Колумбо го открил Новиот свет, Шпанците отишле да ја извидат оваа територија. Капетанот Хил Гонзалес Давила ги повел своите трупи северно од денешна Костарика и навлегол на територијата на Никарао во 1523 год. од н.е.
Замисли си ја неизвесноста на извидниците додека патувале низ непознати области. Колку биле среќни кога го запознале поглавицата Никарао! Со великодушност, која и ден-денес е типична за културата на Никарагва, луѓето ги пречекале Шпанците и им дале подароци, меѓу другото и многу злато.
Никарао сакал да го дознае одговорот на прашањата за кои долго време размислувал. Доаѓањето на Шпанците наметнало и други прашања. Историчарите известуваат дека тој му ги поставил следниве прашања на капетан Гонзалес:
Сте чуле ли дека имало голем потоп во кој биле уништени сите луѓе и животни? Дали Бог повторно ќе донесе потоп на Земјата? Што се случува после смртта? Како се движат Сонцето, Месечината и ѕвездите? Како стојат на небото? Колку далеку се од нас? Кога Сонцето, Месечината и ѕвездите ќе престанат да светат? Од каде доаѓа ветрот? Зошто постојат топлина и студ, светлина и темнина? Зошто во текот на годината има денови со различна должина?
Очигледно, Никарао многу сакал да го осознае светот околу себе. Прашањата што ги поставил кажуваат многу за неговите верски убедувања. Тие откриваат дека го интересирале и го загрижувале слични работи како и многу луѓе денес. А тоа што Никарао и неговиот народ знаеле дека имало голем потоп нѐ потсетува на она што го кажува Библијата (1. Мојсеева 7:17-19).
Иако спиритизмот и принесувањето човечки жртви биле длабоко навлезени во културата на племето на Никарао, тој бил загрижен за однесувањето и начинот на живот на неговиот народ. Неговите прашања потврдуваат дека секој човек е обдарен со совест. Во врска со ова, апостол Павле напишал: „За тоа сведочи и нивната совест, па во своите мисли се обвинети или, пак, се оправдани“ (Римјаните 2:14, 15).
Денес, во близина на местото каде што се верува дека Никарао за првпат се сретнал со шпанските истражувачи, подигнат е споменик во негова чест. Неговата љубопитност, која го поттикнала длабоко да размислува за животот и за светот околу него, е добар пример за нас (Римјаните 1:20).
[Карта на страница 21]
(Види во публикацијата)
Никарагва
ЈУЖНА АМЕРИКА
АТЛАНТСКИ ОКЕАН