,Како вашата работа ѝ користи на заедницата?‘
ОВА прашање му го поставил Чандракант Пател, индиски новинар, на еден член од персоналот во Светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Г-н Пател дошол на обиколка на објектите и толку бил импресиониран од она што го видел и чул што, кога се вратил во Индија, напишал статија за еден весник на јазикот гуџарати.
Споредувајќи некои од верувањата на Јеховините сведоци со верувањата на црквените организации во Индија, г-н Пател напишал дека Јеховините сведоци веруваат во семоќниот Бог, Јехова, за разлика од доктрината за тројството која обично се учи во црквите, и дека тие не користат ликови во нивното обожавање. Забележал дека Јеховините сведоци имаат високи мерила затоа што цврсто се држат за христијанските морални принципи кои се изнесени во Библијата во врска со прељубата, абортусот и мразењето или убивањето на ближниот. Ги опишал Сведоците како мирољубиви, дека имаат љубов, дека се долготрпеливи и услужливи, како и бестрашни и ревносни додека им ја шират на другите пораката од Библијата.
Каков одговор добил новинарот од Индија на прашањето: ‚Како вашата работа ѝ користи на заедницата?‘ Тој напишал: ‚Одговорот беше дека библиското образование е корисно на сите полиња од животот‘. Г-н Пател сакал да дознае нешто конкретно за полето на здравствената грижа и вработувањето. Наведувајќи делови од објаснувањето што му било дадено, тој известил: ‚Ако едно лице го следи библискиот совет да избегнува штетни супстанции како што се тутунот и дрогата и води еден чист живот, може да избегне различни болести. А трудољубивите, чисти, чесни луѓе, имаат поголеми шанси да добијат вработување. Освен тоа, средувањето на проблемите на еден љубезен начин полн со љубов придонесува за мирољубиви односи со другите. Значи, поучувањето на луѓето за она што го вели Библијата ѝ користи на заедницата‘.
Овој новинар ги видел библиските науки на дело во светското седиште на Јеховините сведоци. Неговата статија ја фалела чистотата и радоста на оддадените доброволци во тоа седиште на духовна активност. И Вам можат да Ви користат библиските науки. Јеховините сведоци со радост ќе Ви покажат како.
[Извор на слика на страница 31]
Весникот во позадината: Со љубезна дозвола на Наја Падкар, Gujarati Daily објавен во Ананд (Индија)