Кога мртвиот навистина е мртов
„Куче живо е подобро, отколку мртов лав. Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот“ (Проповедник 9:4, 5).
МНОГУ луѓе имаат некакво нејасно верување дека душата продолжува да живее после смртта или дека минува низ циклуси на реинкарнација. Некои веруваат дури и во тоа дека човек може да се врати откако веќе умрел. Томас Линч, службеник во едно погребално претпријатие, неодамна бил запрашан за тоа што мисли за животот после смртта. Тој рекол: „Луѓето кои гледаат тунели со светлина и слично, не се вратиле од мртвите. Тие само се наоѓале во состојба вон нашата способност да ги регистрираме нивните знаци на живот. Штом не се враќаш назад, ти си ‚мртов‘“ (The New York Times Magazine).
Со милениуми Библијата била во право. „Куче живо е подобро, отколку мртов лав. Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот“ (Проповедник 9:4, 5). Една кратка прошетка низ некои стари гробишта брзо ќе ја потврди таа вистина.
Дали тоа значи дека не постои апсолутно никаква надеж за мртвите? Библијата не дава никаква основа за да се верува во бесмртна душа која ја преживува смртта (1. Мојсеева 2:7; Језекиил 18:4, 20). Меѓутоа, Исус Христос проповедал за воскресение во живот на една обновена рајска Земја. Неговата еврејска следбеничка Марта, чиј брат Лазар штотуку умрел, верувала во воскресение бидејќи за Лазар рекла: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“ (Јован 11:24). На тоа Исус одговорил: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“ (Јован 11:25, 26). Порано тој рекол: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро — ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“. Но, забележете дека Исус воопшто не спомнал бесмртна душа! (Јован 5:28, 29; Лука 23:43).
[Истакната мисла на страница 31]
„Штом не се враќаш назад, ти си ‚мртов‘“ Томас Линч, службеник во едно погребално претпријатие